ФОКУС: Алек Теранова излегува од „Дивелоп“, „Мериот“ им останува на Мијалкови?

За уделот во „Дивелоп Груп“, бизнисменот Александар Ивановски треба да добие 2 милиони евра од продажбата на казиното во „Мериот“, како и плус недвижен имот на Водно во вредност од уште 2 милиони евра, дознава „Фокус“.

Управата за финансиско разузнавање замрзнала средства во износ од 12 милиони евра, кои реномирана австриска компанија што делува во секторот со игри на среќа лани во декември, преку две различни трансакции, ги уплатила на сметка на компанијата „Дивелоп Груп“ за купување на казиното во рамки на хотел „Мериот“.

„Фокус“ оваа информација ја објави завчера, посочувајќи дека од овие 12 милиони евра што биле уплатени па замрзнати на сметка на „Дивелоп Груп“, 8 требало да повлече „Комерцијална банка“, која ја кредитирала изградбата на „Мериот“ со кредит од 23 милиони евра.

Како што веќе објавивме, останатите 4 милиони евра требало да им припаднат на содружниците во „Дивелоп“ – „Бест Веј Инвестмент“ на Јордан Мијалков, син на ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, како и Александар Ивановски, кој подолго време на хартија е мнозински сопственик, меѓутоа во реалност поседува малцински удел.

Новите информации до кои дојдовме говорат дека тие склучиле договор за раскинување на партнерството во компанијата, чија реализација, всушност, зависи и од продажбата на казиното во „Мериот“, од која 2 милиони евра треба да инкасира „Бест Веј“ на Мијалкови, а 2 милиони евра се предвидени за Ивановски.

Неофицијално, покрај паричните средства Ивановски треба да добие и недвижен имот на скопско Водно во вредност од исто така 2 милиони евра, што значи дека тој за вкупно 4 милиони евра го отстапува уделот од околу една четвртина што реално го поседува, иако формално поседува околу две третини.

На тој начин, Мијалкови треба да станат единствени сопственици на „Дивелоп Груп“ и со тоа на „Мериот“.

– Меѓутоа, нашите сознанија говорат дека се разгледува опцијата во сопственичката структура да не влезат директно Мијалкови, туку еден добро познат лик од повеќе офшор-шеми или пак фирма од арапскиот свет,пишува Фокус.