Владата до крајот на неделата ќе донесе одлука за намалување на цената на тестенините за 10 отсто.
Оваа вест вчера ја соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши, кој очекува трговците самоиницијативно да ја намалат цената дополнително.
Како што изјави Бектеши, тестенините од 51 денар ќе се продаваат за 44 денари, додека тестенините од 60 денари нема да бидат поскапи од 52 денари.
Тој порачува на трговците да се охрабрат и да ги симнат цените и под долната граница која ќе ја одреди Владата.
Како што рече, Владата разговара со трите производители на масло за јадење во земјава, за намалување на цената на овој производ и постигнат е договор.
„Три големи производители најавија дека ќе имаат цени пониски од 100 денари за литар масло за јадење. Продолжуваме со другите производи“, рече Бектеши.
Тој додаде дека при крај е анализата за млечните производи и дали ќе има замрзнување на цените во овој дел. Бектеши им порача на млекарите самоиницијативно да ги спуштат цените пред владата да донесе таква одлука.
Be the first to write a comment.