Радиото Ла Коста од Виница и телевизијата Канал 8 од Кочани веќе подолго време се наоѓаа во големи финансиски проблеми и, според многумина познавачи на работите, се чекаше уште едно затворање на локалните медиуми во Македонија. Но, младиот бизнисмен Бранко Ивановски од Виница реши да вложи во радиото, а кочанската телевизија Канал 8 доби нов сопственик, Горан Паунов кој најавува зајакнување на кадровски потенцијал и инвестиција во опремата, јави Истокпрес.
„Радио Ла Коста е единствениот локален медиум во Виница и општината. Виница и виничко си имаат свој живот, а важните аспекти на виничкото секојдневие мора преку етаблиран медиум да дојдат до сите граѓани. На времето Виница имала телевизија, радио и локален општински весник, па и од тој аспект не смееме да останеме без медиум. Ние не можеме да очекуваме регионални или национални медиуми да го прават тоа што е наша обврска. Виничани треба и мора да знаат што се случува во нивниот град. Сега ни е потребно само кадровско и во мал дел технолошко зајакнување на што јас како сопственик силно сум посветен“, вели Бранко Ивановски.
И Горан Паунов најавува вложувата во ТВ Канал 8.
„Свесен сум дека социјалните медиуми, порталите пред сѐ, се доминантни во информативната сфера кај нас, па иако ги сакам и весниците и секој ден се дружам со нив, јас сепак сум поддржувач на правилото дека само на телевизија информацијата може да биде дадена комплетно зашто медиумот го овозможува тоа. Ќе инвестирам во Канал 8 во кадар пред сѐ, а потоа и во напредна технологија, а како сопственик ќе барам медиумот да работи строго професионално“, изјави Паунов.
Be the first to write a comment.