Новинарот Зоран Божиновски, сопственик на порталот Буревесник, бил претепан од две непознати лица, синоќа (вторник, 25 октомври) пред неговата куќа во Битола и со повреди бил пренесен во битолската болница, потврди за Плусинфо сопругата на новинарот, Панда Солунчевска, која и самата била со него за време на нападот.
На Божиновски му е скршен носот и има други повреди на главата. Тој бил однесен во Клиничката болница Битола, каде му е укажана лекарска помош, а изутринава е пуштен на домашно лекување, но попладнево повторно мора да се јави во болница.
На новинарот му се нанесени тешки телесни повреди, носот му е скршен и има хематоми на главата.
Божиновски бил нападнат и крвнички претепан од две маскирани лица пред домот на неговата сопруга Солунчевска, Напаѓачите најверојатно биле вооружени со метални боксирачи на рацете.
– Се враќавме од пат во Скопје, каде што бевме со автобус. Напаѓачите очигледно точно знаеле кога ќе стасаме пред куќниот праг. Крвнички се нафрлија врз Зоран. Беа маскирани. Меѓу прстите на рацете имаа некакви метални додатоци. Мене не ме нападнаа. Ужасната, јас силно спискав и свикав и дури потоа тие го оставија Зоран претепан и тешко повреден – раскажува Солунчевска.
Настанот бил пријавен во полиција.
Be the first to write a comment.