Две лица загинаа, а 19 се повредени во пукање во ноќен клуб за хомосексуалци и на неколку други локации во норвешката престолнина Осло, соопшти норвешката полиција рано утрово.
Осомничениот е уапсен во близина на клубот, додаде полицијата.
– Потврдено е дека се убиени две лица – соопшти на Твитер полицијата во Осло.
Според информациите кои ги објави Би-Би-Си, истрелите се слушнале околу 1 часот по полноќ, а пукањето се случило во популарниот геј бар „Лондон паб“, џез клубот „Хер Нилсен“ и во близина на ресторан за брза храна. Полицијата смета дека уапсениот осомничен е единствениот напаѓач. Неговите мотиви се уште не се јасни.
– Видов човек кој доаѓа со торба, извади пиштол и почна да пука – изјави новинарот на норвешката јавна телевизија НРК Олав Ренеберг.
Сведок кој се нашол во „Лонон паб“ рекол за НРК дека го удрило парче стакло.
– Бев на терасата кога почна. Слушнав истрел и веднаш потоа ме удри парче стакло. Потоа следеа уште истрели, па втрчав внатре и се обидов да повлечам што повеќе луѓе зад себе. На луѓето прво не им беше јасно што се случува, а потоа настана паника – рече тој.
Една жена сведочеше за „Верденс ганг“ дека напаѓачот внимателно ги нишанел неговите цели.
– Кога сфатив дека ситуацијата е сериозна, истрчав. Видов човек облеан во крв како неподвижен лежи на подот, рече таа.
Друг сведок тврдеше дека видел „многу“ луѓе на подот со повреди на главата. Би-би-си потсетува дека денеска во Осло се одржува традиционална геј поворка.
Норвешката министерка за правда Емили Енгер Мел изјави дека „крвопролевањето ја потресе нацијата“.
– Норвешка е заедница на доверба во која секој треба да се чувствува безбедно – изјави таа за НРК.
https://www.nrk.no/video/cbc2db46-44bb-4934-a93f-c9a52fe7cf8a
Be the first to write a comment.