„Мерве! Ирем! Мерве! Ирем!“, викаше спасувачот Мустафа Озтурк, а на сите околу него им беше наредено да ќутат.

Спасувачки тим во Турција бараше две сестри, Мерве и Ирем, за кои другите преживеани рекоа дека се живи заробени под урнатините по разорните земјотреси.

Девојките ги слушнале повиците и одговориле

Мустафа викал без престан, а потоа се слушнал и одговорот на девојката Ирем.

– Одлична си! Сега биди смирена и одговори ми. Во ред, тоа е Мерве. Драга Мерве, одговори само на моите прашања – вели Мустафа, пренесува Би-Би-Си.

Мерве (24) и нејзината сестра Ирем (19) останаа заробени под урнатините на зграда во Антакија. Им се чинело дека се заробени со недели.

– Среда е. Не! Не сте заробени 14 дена. Дајте ни пет минути, ќе бидете надвор – им ветува Мустафа.

Иако знае дека спасувањето ќе трае со часови, тој децидно додава: „Ако изгубат надеж, можеби нема да преживеат“. Мерве и Ирем почнуваат да се шегуваат и да се смеат заедно.

Според пресметките на спасувачите, пишува Би-Би-Си, биле потребни два метри за да стигнат до сестрите, но Хасан Бинај, командантот на спасувачката екипа, вели дека копањето тунел во бетон е многу деликатна операција, односно еден погрешен потег може да доведе до катастрофа.

Бил повикан булдожер за внимателно да го подигне и држи густиот бетон за да го спречи уривањето на зградата кога спасувачите почнале да копаат.

Сурова реалност

Кога Мустафа им рекол на девојките дека ќе им даде ќебиња, Мерве му рекла да не се грижи за нив, дека не им е ладно и дека спасувачите треба да се грижат за себе.

Спасувачите почнале неуморно да копаат и со голи раце ги растргнале урнатините, но по неколку часа почувствувале како земјата наеднаш се тресе под нивните нозе. Станува збор за силен последователен потрес, поради што спасувачката акција мораше да биде прекината.

– Еве ја суровата реалност. Безбедноста на нашиот тим е на прво место – изјави Бинај.

По 30 минути Мустафа и тројцата спасувачи се вратиле на местото каде што копале.

– Верувај ми нема да те оставиме овде. Јас ќе те извадам, а ти ќе не однесеш на добар ручек – и рекол Мустафа на заробената девојка.

Направија мала дупка во бетонот за да видат дали девојките можат да ја видат светлината на факелот на Мустафа.

– Мерве! Ирем! Дали ја гледате светлината? ДОБРО! Совршено! Сега ја испраќам малата камера. Кога ќе ја видите, кажи ми и јас ќе ти кажам што да правиш – рекол Мустафа.

Момент на возбуда

Тоа беше момент на возбуда. Бинај се приклучи на тимот за да ги види девојките на малите екрани.

– Ти си толку убава. Не мрдајте премногу. Ирем, повлечете ја камерата за подобро да ја видиме Мерве – беше понатамошната инструкција.

Ирем се појави на малиот екран на Би Би Си

Ирем се насмевна. Меѓутоа, Мерве им кажала дека и е студено и дека чувствува нешто тешко на нозете. Лекарите биле загрижени дека станува збор за гангрена или за првите симптоми на хипотермија.

Копањето продолжило на полноќ, а околу пет часот наутро тунелот бил доволно голем за спасувачот да се спушти кај девојките.

– Телото на нашата мајка почна да смрди и не можеме да дишеме како што треба – им рекла Ирем на спасувачите. Тие со денови лежеле покрај мртвата мајка.

– Одлично! Можеме да ги извадиме – доаѓаат упатства, а медицинскиот тим се подготвува со термо ќебиња и носилки. Сите се возбудени. Во 6:30 Ирем тргнува прва. Тоа се смее и плаче во исто време.

– Господ да ве благослови. Те молам извади ја и Мерве. Ве молам – ги молеше таа спасувачите.

Командантот на спасувачката екипа и ветува дека ќе ја спасат и Мерве, но нејзиното извлекување трае уште 30 напнати минути бидејќи морале да и ги ослободат стапалата од под креветот без да и наштетат.

Откако ја спасија и Мерве, сите почнаа да плескаат и навиваат, а Мерве праша: „Дали навистина сум жива?“

Пријателите кои биле таму цела ноќ почнуваат да викаат во солзи.

– “Мерве! Ирем! Тука сме. Не плашете се – извикуваа тие.

Сестрите биле внесени во амбулантно возило и однесени во болница, јавува Би-Би-Си.