Речиси сите светски медиуми објавија видео од срдечна прегратка на теренот меѓу Лионел Меси и жена за која се мислеше дека е неговата мајка, но подоцна беше откриено дека се работи за една од готвачките на аргентинската репрезентација.

Меси во финалето ја предводеше својата Аргентина до светската круна над Франција, а потоа следуваше заслужено славје.

Прво Меси славеше заедно со соиграчите и имаше многу солзи. Кога емоциите се смирија, жена која многу личеше на неговата мајка притрча во неговите прегратки, а сцените кои се случија потоа брзо го обиколија светот и сите пишуваа за емоциите на мајката и синот.

Меси со готвачката Антонија Фариас (42)

Сепак, не станува збор за мајката на Меси, Селија Марија Кучитина, туку за Антонија Фариас, која е готвачка во аргентинската репрезентација и со која Меси очигледно е во многу блиски односи.

Антонија Фариас (42) работи со Лео една деценија и е клучен член на тимот, бидејќи е една од готвачите кои ги придружуваат играчите на секое патување, пишува Infobae. Фариас беше дел од аргентинската делегација во нивната триумфална кампања на Копа Америка во Бразил, како и во Ла Финалисима.

И покрај тоа што нејзината работа не се гледа толку многу како на другите позиции во тимот, Фариас меѓу играчите е препознатлива по готвењето, кое едноставно го сакаат сите во репрезентацијата на Аргентина.

Што се однесува до вистинската мајка на Меси, таа како и остатокот од семејството носеше темно син дрес, а дури подоцна се приклучи на прославата на Аргентинците.

Лионел Меси со неговата мајка Селија Марија Кучитина

Исто така, бојата на косата и тетоважата на раката на Фариас не се совпаѓаат со фотографиите на мајката на Меси на натпреварот, а врз основа на ова е откриено дека тоа не е таа.