Бебето Аја, родено под урнатините по разорниот земјотрес што ја погоди Сирија, се уште е во болницата во Африн. Поради страв од киднапирање, бебето го чува локалната полиција, а педијатарот задолжен да се грижи за неа вели дека се појавиле голем број лажни роднини кои се заинтересирани за детето.
– Бебето, кое болничкиот персонал го нарече Аја, што на арапски значи „знак од Бога“, е добро и престана да прима терапија – изјави за АП педијатарот Хани Маруф, задолжен да се грижи за неа.
Локалната полиција патролира во болницата
Тој додаде дека бебето го дои сопругата на директорот на болницата, која и самата има новороденче.
Маруф рече дека локалната полиција патролира во болницата за да спречи некој да се обиде да го киднапира бебето, бидејќи неколку луѓе се појавија како роднини.
Според вујкото на Аја, Салех ал Бадран, таа се очекува да биде пуштена од болница во вторник или среда, а за неа ќе се грижи нејзината тетка по татко, која неодамна се породила.
Остана без браќа и сестри
Малата Аја е родена под урнатините во сирискиот град Џиндерис, а нејзината мајка починала по породувањето. Таткото и четворицата браќа и сестри загинаа во земјотресот со јачина од 7,8 степени. Во моментот кога спасувачите ја пронашле, Аја се уште била приврзана за нејзината мајка за папочната врвца.
По веста за чудото што се случи под урнатините, илјадници луѓе од целиот свет се појавија заинтересирани да го посвојат бебето и да и помогнат во животот.
Be the first to write a comment.