Маж, за кој швајцарските медиуми јавуваат дека е по потекло од Србија (57), ја убил сопругата (54), тешко го ранил зетот (36) и се самоубил по расправија во семејната куќа во Елсау, предградие на Цирих.
Како што пренесуваат швајцарските портали, злосторството се случило на 8 септември, а на него присуствувале ќерката и внуците на Србинот.
– Околу 21:00 часот слушнавме врисоци, а потоа и неколку истрели. Не знаевме што се случува, но сигурно беа испукани 4 или 5 истрели, видовме дека полицијата ја обиколи куќата – изјавиле за Блик соседите на парот.
Пукање
Се испоставило дека мажот прво ја убил сопругата, го ранил зетот, а кога видел што направил се застрелал. Брзата помош ги пренела двајцата повредени во болница, каде на зетот му била извршена операција, а напаѓачот починал.
– Длабоко сме тажни и во шок. Тој ден немаше кавга, сите бевме во куќата, времето го поминувавме заедно, се беше во ред. Не можам да објаснам што се случи, нашиот татко сигурно го изгубил умот. Ги загубивме најблиските, но бевме среќно семејство – изјавила за 20minuten.ch втората ќерка на парот.
Ќерката е „надвор од себе“
Како што објаснила, во семејната куќа заедно живееле нејзините родители, сестрата, деверот и двете деца.
– За среќа, зетот и покрај тоа што беше ранет, успеа да ги извлече сестра ми и децата од дома на безбедно, кога татко ми пукал. Потоа се сокри во собата. Тој се уште е во болница, но неговиот живот не е во опасност. Неутешни сме, во шок, можеби еден ден ќе можеме да разбереме што се случило – вели ќерката.
Соседите имале само пофални зборови
Соседите на српската брачна двојка имале само пофални зборови за нив.
– Изгледаа како фини луѓе, секогаш беа пријателски расположени. По пукањето, полицијата не замоли да останеме дома, бевме многу исплашени – изјавија за медиумите.
Со неа се согласил роднина, која потврдила дека никогаш немало непријатности или несогласувања.
– Изгледаа како хармонично семејство кое е многу блиско. Швајцарската полиција соопшти дека не пукала при интервенцијата, туку дека на местото на трагедијата била испратена специјална единица.
– Се уште не се знае во кого прво пукал човекот. Истрагата ја води кантоналната полиција и обвинителството – соопшти швајцарската полиција и додаде дека учесниците во оваа семејна драма се по потекло од Србија, но дека сите имаат швајцарски документи.
Be the first to write a comment.