Австриецот Харалд Копиц кој во семптември минатата година ги уби своите три деца во Загреб, четиригодишно момче и седумгодишни близнаци, момче и девојче, вчера попладне се самоубил во затворот во Лепоглава.
Веднаш била повикана брза помош, но Копиц починал во амбулантата. Констатирани му се повреди на рацете и нозете.
Неофицијално, Копиц бил сместен во одделение каде казната ја отслужуваат претежно лица осудени за воени злосторства. Иако до сега не одбивал дневни прошетка во затворскиот комплекс, денеска по ручекот, кој не го јадел, решил да остане во ќелијата. И додека неговите цимери биле излезени на прошетка, тој решил да си го одземе животот така што со жилет за еднократна употреба си ги пресекол вените на рацете и нозете.
– Тројниот убиец Харалд Копиц (57) си го одзел животот со жилет за еднократна употреба, кој се наоѓа на списокот на дозволени предмети за лица лишени од слобода, како што во неколку наврати најавил, внатре во ѕидовите на Казнено-поправниот дом во Лепоглава, објави Вечерњи лист.
Тој постојано најавувал дека ќе се самоубие кога ќе му се укаже првата можност, велат хрватските затворски власти. Австрискиот бизнисмен се обидел да си го одземе животот и веднаш по грозоморниот чин на убиството на сопствените деца, но тогаш беше спасен од лекарите.
Копиц во јуни беше осуден на максимални 50 години затвор за убиството на неговите три деца, на кои им ставил 30 таблети во какао што им го дал да го испијат.
„На 24 септември 2021 година околу 22 часот во стан во загрепската населба Млинови, каде што живеел со своите три деца, од кои две седум и едно четири години, „со однапред смислена намера да ги убие, ја искористил довербата на децата кон него како татко и ги извршил горенаведените кривични дела“, пишуваше во пресудата.
Истражителите првично веруваа дека Копиц ги задушил децата, но подоцна беше утврдено дека тој прво ги дрогирал со апчиња, а потоа ги задушил. Прво ги туширал децата, а потоа во врело какао ставил 30 таблети дијазепам, кои децата ги испиле.
Медиумите пишуваа дека Копиц живеел и работел во Загреб каде имал свои фирми и дека работел за неколку големи компании како финансиски консултант и преговарач. Мајката на убиените деца работела во хотел во Дубровник, а децата биле со татко им за време на викендот.
Судијката Градишки Ловречек, образложувајќи ја пресудата, изјави дека материјалните вредности на Копиц му биле поважни од детските животи.
„Вашата проштална порака што ја оставивте на маса со екстремно скапо шише шампањ докажува дека материјалните вредности ви биле поважни од животот. Како мајка и судија, за мене е несфатливо што сте ги лишиле од живот вашите деца во време кога веќе сте немале желба да живеете затоа што сте останале без материјалните добра на кои сте биле навикнати“, рече судијата.
Во веројатно најкраткото судење во историјата на хрватското правосудство, Копиц се изјасни за виновен за тројно тешко убиство откако јавноста беше исклучена од двочасовното судење со цел да се заштити достоинството на децата и нивната мајка.
Be the first to write a comment.