„И ако би биле вистинити тврдењата за кражба на струја, дали мислите дека Албанците од Арачиново би ја краделе струјата, ако би имале услови за живот како жителите на Кисела Вода, на Ѓорче Петров, како на Сопиште и многу други македонски општини, во кои сметките за струја не се ниту една третина од сметките, кои што им доаѓаат на Албанците? Во тие македонски општини ги имаат сите услови за еден нормален живот. Никој не би се понижил самиот себеси да краде струја и потоа никој не би ги омаловажувал арачиновци. Ако сакате да ги прашате жителите на Арачиново зошто крадат струја, прво прашајте ги крадците во затвор зошто краделе, што и да украле.. Одговорот би бил: Немав друг избор….“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот редакциски коментар со наслов „Легендарно Арачиново стана ајдучко Арачиново – кој ги исмејува и ги омаловажува Албанците?“
„Журнал“ пишува: „Секоја општина со доминантно албанско население се соочува со многубројни елементарни проблеми, кои со години никако да се решат. Разликата меѓу албанските општини Сарај, Арачиново, Чаир, Студеничани, и други македонски општини, па дури и македонски села, е како ноќта и денот. Во Арачиново недостигаат вода за пиење, канализација, дневни центри, нема пристојна инфраструктура, а од неодамна недостига и струја. Жителите на Арачиново во зима, но и сега во лето мора да живеат од милоста на сонцето да им дава светлина колку што трае денот, додека навечер мораат да палат свеќи, немајќи електрично осветлување. Но, и покрај мизерните услови за живот и омаловажувања на Албанците во општина Арачиново, сега ги нарекуваат и ајдуци.“
„ЕВН пред неколку дена објави листа за населените места, во кои најмногу се краде струја и Арачиново е на врвот на таа листа. ЕВН соопшти дека крадат струја и жителите на Сарај, Чаир, Студеничани, кои се сите албански општини. Станува збор за омаловажување на албанскиот народ, кој се обидува да преживее. Албанците во Македонија отсекогаш имале тешкотии во образованието, во вработувањето, во јавните служби, пред се тие имале тежок живот, но според Македонците тие имаат повеќе права од нив и дури ги нарекуваат крадци.“4
„Пред неколку дена вицепремиерот Артан Груби објави дека за оваа општина се издвоени 66 милиони денари за регулација на канализацијата, но и оваа помош од Владата Македонците ја насловија со зборовите: ’66 милиони денари за општината, која воопшто не плаќа данок на имот’. И во овој случај ги направија крадци Албанците од Арачиново. Како да плаќаат жителите на Арачиново данок кога ги немаат основните услови за живот? Какви даноци да плаќаат кога немаат вода за пиење, кога немаат канализација, кога немаат пристојна инфраструктура?“
„Покрај крадци, ЕВН вели дека жителите на Арачиново се и насилни и проблематични. Според ЕВН, проблемот со струјата нема да се реши, бидејќи самите арачиновци тоа не го дозволуваат… Какво апсурдно образложение! Некои новинари стапија во контакт со МВР да прашаат дали екипите на ЕВН пријавиле физичко насилство врз нив за време на работите во Арачиново, или дали тие екипи на ЕВН побарале помош за полициско присуство додека ги извршувале своите активности. Но МВР негира дека имало барања и за првото и за второто. Од МВР велат дека во текот на 2022 година ЕВН пријавила само еден случај на кражба во Арачиново, но никогаш не пријавила случај на физичко насилство. Вработените во ЕВН како да имаат страв да влезат во Арачиново заради интервенции и ним им се чини дека некој ќе ги нападне, иако такво нешто не е пријавено.“
„Да се надеваме дека владејачката партија ДУИ ќе преземе конкретни мерки и оти ќе најде решение со снабдувачот со електрична енергија ЕВН, за да се решат овие дефекти во Арачиново еднаш засекогаш. МВР нека се ангажира да обезбеди полициски екипи, ако тие екипи на ЕВН навистина се чувствуваат загрозени, затоа што како и секоја друга општина и Арачиново има постари жители, деца, болни, кои веројатно живеат со помош на респиратор и без таа струја нивниот живот може да згасне…“
Be the first to write a comment.