Животоспасувачка драма имало во скопската Зоолошка градина, каде што минатата недела вработените буквално враќале во живот едно од бебињата мајмуни, белорак гибон. Седуммесечено гибонче, отфрлено од мајката, се давело во езерото во зоолошката. Вработените го реанимирале 40 минути за да го спасат. Сега неговата грижа е доверена на зоо-негувателката Зера Бекировска, која, кога не е на работа, мајмунчето го чува дома, објави весникот Нова Македонија во својата сторија.
Оваа негувателка се грижеше, додека беа бебиња, и за павијанот Лука и неговото братче Дино, миленици на многу деца. Нив ги одгледаа вработените во зоолошката, откако мајката ги отфрли. Денеска ги фотографираше Горан Анастасовски.
Гибонот Делфина сега напредува добро.
-Бебето гибон мајката го фрлила во водата на езерото. Колешката Зера, која видела како паѓа, прво се јави да повика помош, а потоа влегла во езерото за да го извади. Додека стаса ветеринарката прво јас го реанимирав. По 40 минути борба го спасивме. Бебето прво покажуваше знаци на живот, по некое време се изгуби, па тешко дишеше со околу 20 отсто од капациететот, но за среќа успеавме – раскажува Кристијан Стаменов, директор на Зоолошка.
Првата вечер по несреќната случка, гибонот ја поминал со Стаменов. Потоа, грижата за него била доверена на Зера. Бебето, кое пред да биде отфрлено од мајката, се хранело само со доење, по спасувањето почнало да учи да јаде.
-Гибонот е бебе, грижата за него е голема одговороност. Се понудија повеќе вработени да го чуваат. Но одлучивме Зера да го негува, зашто има искуство со Лука и Дино. На почетокот јадеше по две лажички кашички на час и половина. Сега има напредок, јаде на два часа по девет лажички. Пресреќни сме оти успеавме да го спасиме – вели Стаменов.
Гибончето е многу е приврзано за Зера, постојано е прилепено за неа.
-За два-три месеци, ќе видиме како ќе напредува, ама мислам дека ќе може да се приклучи на групата зашто ќе биде самостојно. Ако не се вклопи, ќе формираме друга група. Но мислам дека убаво ќе се вклопи – вели Стаменов.
Во зоолошка бебето Делфина има посебно креветче. Смените на работа на Зера се 12-часовни и додека ги завршува обврските гибончето го чуваат нејзините колеги. Дома спие со неа, често и спие и во скутот.
-Бев спроти езерото кога видов дека нешто падна од кај мајката. Кога истрчав прво што забележав е дека го нема бебето и го видов во водата. Свртев кај директорот да повика ветеринар, го фрлив телефонот и влегов да го спасам. Беше далеку, но ете, среќа успеав. Не се чувствувам сигурна во вода, но не ни размислував. Кога го извадив долго ми требаше да се смирам. Ми се смрзна срцето, оти долго го реанимираа. Но среќа, се добро заврши – раскажува Зера.
Вели дека сите колеги ѝ помагаат во негата, но Делфина често ја бара неа.
-Ме гушка, ми спие во скут, вреска ако ме нема. Некогаш и до 4 наутро сум будна оти ме доживува како мајка. На бебето му треба и нега и љубов, му треба топлина. Ќе направам се за да целосно да се опорави – додава Зера.
Гибоните, објаснува ветеринарката Весна Левајковиќ-Трајков, имаат многу густо крзно, тие не сакаат вода и не знаат да пливаат. Кога ќе паднат во вода крзното прима вода, стануваат тешки и пропаѓаат, се дават. Вработените во Зоолошка имаат ставено мрежа неколку сантиметри под површината на водата во близина на живеалиштето, но мајката го фрлила бебето подалеку од мрежата.
– Среќа Зера видела и веднаш реагирала. Кога стасав директорот веќе имаше почнато со реанимација. Тоа прво покажувало знаци на живот, но потоа стана млитаво, се излади… Едно време мислевме дека го изгубивме, но го исушивме, го стопливме, не престанав со масирање на срцето, давав и вештачко дишење. Кога по 40 минути пушти звук, имаше надеж. Успеавме да го вратиме во живот – раскажува Левајковиќ-Трајков.
Кога ќе биде подготвено да се врати во групата во зоолошка, објаснува таа, прво ќе проверат како мајката ќе реагира на него, зашто сега само претпоставуваат зошто го отфрлила. Ќе се провери и како ќе реагира сестрата на гибонот, па така и ќе се уреди како ќе се организира групата.
Be the first to write a comment.