Во 2021 година во Хрватска биле издадени 5.925 дозволи за работа и престој на граѓани од Северна Македонија, а во 2022 година речиси двојно повеќе – 10.053.
Невработеноста, високите цени, незадоволството од платите и оваа пролет извадија билети за заминување на голем број Македонци на сезонска работа во странство. И натаму голем број од нив работа бараат во Хрватска, дел се веќе таму, а други ќе заминат до крајот на мај. Еден од нив е скопјанецот Атанас М. (29), кој деновиве се подготвува да замине на работа во Задар.
„Мои пријатели заминаа уште пред еден месец, бидејќи се ангажирани во хотели кои ги отвораат вратите за новата сезона од април. Јас со работа почнувам во јуни. Првпат дојдов на сезонска работа во Хрватска во 2021 година, преку фирма посредник. Лани веќе немав потреба од посредништво, бидејќи директно се договарав со сопствениците на ресторанот во кој работев како келнер. Бев задоволен од платата и условите, а и тие од мојата работа. Одам на истото место“, објаснува Атанас.
Вели дека приказната за сезонски можности побрзо се шири „од човек на човек“, па некогаш и не се потребни ни фирми за посредување.
„’Македонец, знаеш ли некој што би работел сезонски како градежник? Имаш ли некој познат што би работел во погон за преработка на риба?’ Честопати од мештани добивав вакви прашања, откако ќе ме прашаа од каде сум. А тоа е очекувано прашање, бидејќи во угостителските и услужните дејности на приморјето доминираат вработени од земјите во регионот“, вели младиот скопјанец, објаснувајќи дека низ такви контакти овозможил и други луѓе да најдат сезонска работа.
Лавина од барања
Македонските фирми за посредување се добро вмрежени со тамошни партнерски организации кои ги испорачуваат потребите на локалните заедници за конкретни профили на работници. Иако со почетокот на летната сезона изгледа дека најбарани се келнери, готвачи, работници во кујна, хотелски персонал и хигиеничари, уште повеќе се бараат градежници, медицински сестри, продавачи, негуватели, возачи и магационери.
Од домашни фирми за посредување велат дека тие најмногу работа имаат од јануари кога „тргнува лавината“ од барања на работници од Македонија, и кога вообичаено почнуваат непоходните процедури – интервјуа за проверка на компетентноста, за познавање на јазици и искуство во струката, сѐ до обезбедување документи и постапки за добивање работна дозвола. Велат дека има и цели семејства кои заминуваат на сезонска работа во странство.
„Таткото, на пример, работи на експлоатација на камен во Бенковац, сопругата како помошник во кујна во блиско приморско место, едниот син како возач, другиот во маркет“, посочуваат еден од примерите.
Но, секогаш не станува збор за лица кои поради невработеност заминуваат на сезонска работа.
„Има и вработени во јавен сектор кои земаат неплатен одмор за да работат сезонски во странство“, објаснуваат посредувачите.
Ова и не е толку изненадувачки, ако се има предвид дека минатата година СДСМ обелодени случај кога управител на една работна единица во Јавно комунално претпријатие зел неплатен одмор и заминал да работи како келнер во Хрватска, поради што вработените во таа единица три месеци останале без плата.
Мотивацијата на оние кои овде земаат неплатен одмор за да работат во странство била различна.
„Еден клиент рече дека тоа му е единствен начин да заработи средства за да направи свадба за ќерката. Најчесто, мотивите се ‘две во едно’: комбинација од потребата да заработат и да тргнат некој денар настрана, што не им успевало со овдешните плати, и воедно да се релаксираат со престој во приморски амбиент“, објаснуваат посредувачите.
На четврто место
Лани во Хрватска биле издадени 124.000 дозволи за престој и работа на работници од странство, што било за 42.166 повеќе од бројот на дозволи издадени во 2021 година. Најголемиот број дозволи во 2022 година биле издадени за работа во градежништвото – 53.772, во туризмот и угостителството – 32.306, во индустријата – 16.932, во секторот транспорт и врски – 7.336 и во земјоделство и рибарство – 2.957.
Како сезонски работници во Хрватска доминираат граѓаните на БиХ. Во 2022 година ним им бил издаден најголемиот број работни дозволи (36.783), следат 19.176 дозволи за работници од Србија, 12.222 за работници од Непал и на четврто место се работниците од Северна Македонија, за кои биле издадени 10.053 дозволи за работа и престој. Следат работниците од Косово (8.979), Индија (7.690), Филипини (5.935), Бангладеш (4.381) и Албанија (4.257).
Споредбено може да се заклучи дека ланската бројката на издадени дозволи за работа на македонски работници (10.053) речиси двојно се зголемила во однос на 2021 година кога изнесувала 5.925.
Освен во Хрватска, Македонци заминуваат и на сезонска работа во Словенија, во секторот градежништво и угостителство, но и во автомобилската индустрија во Словачка.
Be the first to write a comment.