Кабли висат и се на дофат! Ова не е мостот Беласица, кој гореше една вечер и сега е прашање дали во наредните година и пол ќе може Вардар на тоа место да се премине. Кога ќе се изгориш и во кисело млеко дуваш, така вели народот. Прашањето е дали некој отиде да „дува“ под Мостот на револуцијата, каде висат овие кабли, пишува порталот МКД.мк.

Мостот на револуцијата е практично мост сосед на мостот Беласица кој се запали можеби од огнот со кој се грееле бездомници кои тука нашле покрив над главите. Овој мост пак, го поврзува центарот на Скопје од двете страни, од правецот на Веро џамбо и од правецот на МАНУ и МКЦ.

Страшно е и да се помисли каков сообраќаен метеж би настанал во Скопје доколку и овој мост биде затворен, имајќи предвид дека двата моста поврзуваат дел од градот каде сообраќајот е исклучително фрекфентен. Центарот на Скопје од страна на Веро џамбо се поврзува со Бит Пазар и Чаир, а другиот мост ги поврзува страната на Скопје откај Железничка станица со делот кај Ист гејт кон Автокоманда и кон тој североисточен дел на Скопје.

Треба да се има предвид дека ноќе кај Мостот на револуцијата е доста фреквентно, па и под самиот мост, зашто се работи за локација од МАНУ кон МКЦ и МРТВ која некои ја нарекуваат „зона на црвените фенери“ и каде понекогаш може да се забележи запален оган кој некого го стоплува.

Искуството со мостот Беласица вели дека огнот ги зафатил струјните, телекомуникациските и други типови на кабли од што се развила температура повисока од 1.000 степени поради што е можно челичната и бетонската конструкција да ја загубиле еластичноста и статиката.

Резултатот е еден мост помалку во главниот град кој „плаче“ за уште мостови. Еден мост се гради оддамна и треба населбата Аеродром со околу 90 илјади жители да ја поврзе преку Ќерамидница со делот од Скопје од другата страна на Вардар. Тоа би значело огромно растоварување на сообраќајот.

Додека тој нов мост не биде готов, а мостот Беласица не биде оспособен за употреба, сообраќајот во Скопје е пооптоварен од кога било.

ФОТО: МКД.мк