Причината за загинувањето на двајцата млади работници од Скопје е откачувањето на кранот кој го монтирале за да се изведуваат градежните работи на станбена зграда со деловен простор на влезот на Кавадарци, потврди за Фактор, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

-Несреќата се случила точно во 9.40 утринава. Работниците се од Скопје. Станува збор за млади луѓе. Неофицијално едниот е околу 30 години, другиот околу 50. Тие го монтирале кранот за да може да се изведуваат градежните активности на новата станбена зграда. При самата монтажа кранот се откачил, и за жал падот од огромна висина за нив бил кобен. Зградата што се гради е на самиот влез на Кавадарци, спроти хотелот ФЕНИ. Јас сум уште тука, увидот трае, вели јанчев во изјава за Фактор.

Директорот на Опшатата болница-Кавадарци, д-р Диме Коцев, вели дека работниците воопшто не се донесени во болницата, бидејќи брзата помош на лице место констатирала смрт.

-За жал работниците загинале на лице место. Тоа го констатираше екипата на Брзата помош и во таков случај, воопшто не ги носат во болница. Веднаш е повикана полиција и јавен обвинител и телата ќе бидат дадени на обдукција. На градежната локација има и трудова инспекција, вели д-р Коцев.

Повеќе информации се очекуваат во текот на денот.

📸