Германската актерка Барбара Сукова неодамна гостуваше на годинашното издание на Белградскиот меѓународен филмски фестивал ФЕСТ и на прес-конференција раскажа за нејзината прва посета на Југославија во 1963 година, објави „Танјуг“.

Тогаш како тинејџерка, покрај Белград, го посетила и Охрид со нејзините родители. Таму запознала две девојчиња, Зорица и Билјана, и пред многубројните новинари покажа нивна фотографија и ја искажа својата желба дека сака повторно да ги види.

„Ги чував и носев секаде со себе. Тие две сега се како мене, во средните седумдесети години. Би сакала повторно да ги видам. Бидејќи не користам социјални мрежи, можеби можете да ми помогнете да ги пронајдам“, споделила актерката и покажала фотографија од нејзините пријателки од Охрид.

„Женски магазин“ објави дека сестрите Зорица и Билјана од Охрид се одамна починати. Зорица, која била хемиски инженер, починала на 39-годишна возраст, во 1990 година. Нејзината сестра Билјана, која била лекарка, починала на 47-годишна возраст, во 2004 година.

„По земјотресот во Скопје, мајка ми, која тогаш имала 12 години и тетка ми Билјана, на возраст од шест години, биле евакуирани во Гостивар, а потоа во Охрид. Таму се запознале со актерката Барбара Сукова. Веднаш штом ја прочитав информацијата и ја видов фотографијата се слушнав со сестра ми, а потоа и со братучетка ми и двајцата братучеди, деца на тетка ми Билјана. Бевме фрапирани, но во еден миг и тажни што нашите мајки одамна починаа. Нивната сплотеност и љубов ја пренесоа и на нас. Иако сме први братучеди, фукционираме како браќа и сестри. Многу би сакале да ја запознаеме актерката. Ја каниме да дојде во Македонија да биде наша гостинка. Прифаќаме да се сретнеме со неа и во Србија, додека е на фестивалот“, изјави ќерката на Зорица, Бојана Кироска за „Женски магазин“.