На 25-ти февруари минатата година во јавноста простури веста дека во село Врпско, Прилеп, е исчезнато десет-годишно дете. Стануваше збор за Петар Џобески од Прилеп, дете со попреченост, кое во периодот на исчезнувањето било со родителите во селото каде тие чувале пчели.

Следуваа масовни потраги по малото момче, а лошите временски услови им отежнуваа на ангажираните служби. Активно се трагаше неколку недели, а потоа случајот како да почна да паѓа во заборав. Од Петар немаше никаков траг, а родителите кои се семејство од социјален ризик немаа доволно моќ, ниту пак знаење да го кренат гласот и јавно да бараат одговори.

На некој начин, како да се повлекоа, и останаа да ја живеат својата агонија подалеку од јавноста.

За тоа дека секојдневно се будат и заспиваат со прашањето каде е нивното дете, мајката на Петар, Соња, во повеќе наврати раскажуваше за ,,Фокус”.

-Сите солзи ги исплакавме, но имаме и други деца за кои мораме да се грижиме. Тие одат на училиште, го живееме животот од ден за ден, мораме да продолжиме, но ни остана овој товар, овие неодговорени прашања за нашето дете, каде е, што му се случи? Како може да не се најде, ако беше изгубен? Првин верував дека можеби се скрил во некоја грмушка, дека заспал, но како поминуваше времето, јас се повеќе започнав да верувам дека детето ни е земено од некого, дека Петар е киднапиран – низ солзи раскажуваше таа за ,,Фокус” во повеќе интервуја во текот на цела година, откако и исчезна синот.

И таткото на Петар, Стојо, во последниот разговор за ,,Фокус” од пред неколку месеци ни изјави дека верува како Петар е киднапиран. Појаснуваше дека е уверен како неговиот син е одведен некаде, затоа што мало дете среде зима, во периодот кога исчезна не би можело да изоди далеку во лошите временски услови, а на почеток потрагите по него беа масовни со ангажирани стручни служби и многу луѓе.

-Првите неколку недели по исчезнувањето на Петар, бевме во контакт со надлежните, но потоа престанаа да ми се јавуваат. Ни преостанува само да чекаме, немаме никаков глас дали има нешто ново во истрагата, никакви новости немаме. Постојано мислам дека детето ми е киднапирано, како инаку досега не се пронајде? – вели Стојо.