Ова е железничката станица во скопската населба Илинден. Местото е полно со високо напонски жици и таблички на кои пишува дека е опасно по живот. Но, токму ова место било привлечно за игра на три тинејџерки, вчера вечер околу 21 часот. Детска игра која завршила трагично, кога едно од девојчињата се качило на цистерна полна со гориво, која стоела на пругата.

Случајот го забележал соседот, кој живее до железничката станица каде што биле децата, и веднаш пријавил во полиција. Полициските службеници веднаш излегле на лице место.

-Во еден момент се качила на кровот на цистерната при што настанал струен удар и на лице место починало девојчето, вели Тони Ангеловски, портпарол на Министерство за внатрешни работи.

Неофицијално, девојчето се качило на цистерната за да снима видео за Тик-Ток. Веднаш е интервенирано и за гасење на пожарот и била испратена екипа од противпожарна бригада.

-Во 21:05 часот е примена дојавата за настанот. Интервенцијата траеше до 21:45 часот кога било симнато телото, вели Ѕвонко Томевски, командир на скопска противпожарна бригада.

Телото на починатата малолетничка е предадено во Институтот за судска медицина за обдукција. Од Министерството за внатрешни работи апелираат родителите повеќе да внимаваат на тоа каде одат нивните деца.

-Сите мора да внимаваме на нашите деца, особено на малолетниците каде се движат и што прават затоа што за жал ова не е прв случај и за да ги заштитиме нашите деца мора да преземеме соодветни мерки за да се укаже дека не смее да се движат во тие делови и особено да се качуваат на вагоните затоа што се многу опасни и може да настане последица од струен удар, додава Ангеловски.

Ова не е прв случај на вакви несреќи. Пред неколку месеци во скопската населба Маџари, на идентичен начин, 17-годишна тинејџерка заврши со тешки изгореници по телото, обидувајќи се да сними Тик-Ток видео.

📸

📸