Украина долго време се потпираше на старото руско оружје за своите вооружени сили. Сега таа се бори да набави муниција, а на помош и доаѓаат производители од различни делови на Источна Европа. Како што открива Њујорк Тајмс, еден од нив доаѓа од соседна Бугарија, а потрагата по „богатство“ е во тек во Србија и Босна и Херцеговина, пишува српскиот пшортал нова.рс.

Тоа е едноставна и опасна работа, која наскоро ќе биде отворена за апликантите – полнење на артилериска граната од 122 милиметри од советски стил со експлозив што ќе ја претвори во смртоносен проектил, пишува Њујорк Тајмс.

За жителите на бугарскиот град Костенец, планински град во западна Бугарија (се наоѓа на околу 250 километри оддалеченост од Скопје и само 140 километри од македонско-бугарската граница), тоа е добра можност и покрај ризикот од смрт. Ова значи повеќе работни места во фабриката за муниција „Терем“ на периферијата на градот.

Фабриката престана да произведува гранати од 122 милиметри во 1988 година, бидејќи Студената војна се приближуваше кон крајот. Наскоро, сепак, монтажните линии ќе започнат повторно. Руската инвазија на Украина ги претвори оружјето и муницијата од советската ера во критично важен материјал.

И така во јануари, 35 години откако последните 122 милиметарски гранати ја напуштија фабриката Терем, компанијата го рестартираше производството, бидејќи Соединетите Држави и нивните сојузници во НАТО не произведуваат таква муниција, а неколкуте земји надвор од Русија кои произведуваат се главно во поранешната советска орбита.