Тим израелски хакери, кои во последните 20 години влијаеле на резултатите на повеќе од 30 избори ширум светот, користејќи хакирање, саботажа и автоматизирани дезинформации на социјалните мрежи, е разоткриен по темелни истраги, пишува лондонски „Гардијан“.

Според весникот, тимот бил предводен од поранешниот оперативец на израелските специјални сили Тал Ханан, кој работел под кодното име „Хорхе“.

Тој и неговиот тим, кои го користеле кодното име „Тим Хорхе“, беа откриени преку тајни снимки и документи до кои Гардијан имал пристап.

На новинарите, кои се претставиле како консултанти на бизнисмен кој сака да ги одложи изборите во една африканска земја, Ханан им рекол дека неговите услуги се достапни за разузнавачките агенции, политичките кампањи и приватните компании кои сакаат тајно да манипулираат со јавното мислење.

Тој рекол дека услугите на неговиот тим, опишани од други како „црни операции“, се користени низ Африка, Јужна и Централна Америка, САД и Европа.

Во конзорциумот новинари што го истражуваше случајот „Тим Хорхе“ учествувале новинари од 30 медиуми, меѓу кои францускиот „Монд“, германскиот „Шпигел“ и шпанскиот „Паис“.

За време на тајно снимените состаноци, кои се одржувале во период од шест месеци, Ханан и неговиот тим разговарале за тоа како би можеле да соберат разузнавачки информации за политичките ривали, вклучително и користење на техники на хакирање за пристап до сметките на Gmail и Telegram.

На тие средби имало тројца новинари – Гур Мегидо (TheMarker), Фредерик Метезо (Радио Франција) и Омер Бенџакоб (Хаарец).