(ФБ статус на адвокатот Јанаки Митровски)
Како правен застапник на семејството на починатата единаесетгодишна Магдалена од Велес која беше прегазена на пешачки премин при што причинителот избега, ја искажувам мојата и разочараноста на семејството од одлуката на ОЈО Велес да не покрене постапка за кривично дело Помагање против тројцата совозачи на сторителот, како и против селаните кои го криеле сторителот.
Воедно брзината од 68 километри на час која е утврдена со вешт наод и мислење за нас е дискутабилна бидејки родителите се сведоци дека сторителот возел со брзина од над 100 km/h во зона во која е дозволено 30km/h.
Како предметот е сеуште во фаза во која може да трпи измени и проширување, апелираме и очекуваме ОЈО Велес да постапи во правец на обвиниување и на совозачите( кои не даваа инфомрација за тоа кој е сторител) и за селаните кои со денови го криеле сторителот.
Велешанецот веќе имал две казни за забрана за возење поради алкохолизираност!
Велешанецот на возраст од 30 години, кој на 17-ти декември минатата година на пешачки премин удри во 11-годишната Магдалена и нејзината мајка Е.И. (43), по што девојчето почина, а мајката се здоби со тешки телесни повреди, се товари за кривично дело -Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, како и за Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од Кривичниот законик, информираат од ОЈО Велес.
Според Основното јавно обвинителство Велес, Анѓелчо Н. бил во алкохолизирана состојба и не ги почитувал сообраќајните знаци.
-Возел со брзина од околу 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената брзина на критичниот дел од патот, каде постоел и сообраќаен знак за максимално дозволена брзина од 30 километри на час. Обвинетиот не обрнал внимание на пешаците и со автомобилот удрил во мајка и ќерка кои во тој момент поминувале преку обележаниот пешачки премин.
Од ударот мајката се здобила со телесна повреда на челото. Девојчето, пак, било исфрлено 10-тина метри напред, до следниот пешачки премин, каде паднало на земја, се здобило со бројни тешки повреди во пределот на главата и екстремитетите и починало. Наместо да застане и да им помогне на жртвите, обвинетиот со несмалена брзина продолжил да вози во правец кон населбата Превалец.
Обвинителниот акт е поткрепен со изјави на сведоци на настанот, фотодокументација и видео записи од камери на неколку околни објекти, како и со повеќе вештачења извршени по наредба на јавниот обвинител-информираат од обвинителството.
Случајот ја потресе јавноста и ги актуелизираше дискусиите околу безбедноста во сообраќајот во населените места, посебно во близина на училишта, каде нема успорувачи на брзина, односно легнати полицајци. По трагедијата, од Општина Велес изјавија дека два легнати полицајци ќе бидат поставени на улицата каде се случи настанот, а појаснуваа и дека во план била и изградба на крстосница, но овој проект би се реализирал евентуално наредната година.
Според ОЈО Велес, на обвинетиот Анѓелчо, кој по настанот беше два дена во бегство, и во минатото веќе му биле изречени две прекршочни казни за забрана за управување со моторно возило поради алкохолизираност, кои не ги почитувал. Поради тоа, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Велес доставил посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор спрема обвинетиот.
Be the first to write a comment.