Поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов се закани дека бугарскиот гнев е најстрашен на Балканот и Македонија ќе го искуси ако не бидат казнети виновните за нападот на секретарот на бугарскиот клуб Цар Борис Трети во Охрид, Христијан Пендиков.
Борисов денеска се сретна со мајката на Пендиков и кажа дека средбата треба да биде јасна порака за македонските власти. Средбата беше во седиштето на ГЕРБ.
– Најстрашното на Балканот е да ги налутите Бугарите. Нашиот гнев не е безопасен. Нашата љубов кон вас како држава е огромна, но и гневот ни е тежок. Македонија ќе го искуси, ако властите брзо не си ја завршат работата и не ги казнат виновниците, рече Борисов на средбата со мајката на Пендиков.
Бугарија првпат стави вето за македонските евроинтеграции во ноември 2020 година, кога премиер беше Борисов, а министерка за надворешни работи, неговата сопартијка Екатерина Захариева.
Борисов изјави дека лично ќе го запознае претседателот на Европската народна партија Манфред Вебер за претепаниот Пендиков од Охрид, јави репортер на БГНЕС.
Тој потсети дека Бугарија најмногу ѝ помогнала на Македонија, но во Скопје треба да внимаваат „да не ги налутат Бугарите“.
Мајката на Христијан Пендиков, Габриела Димкова се заблагодари на бугарската држава, на лекарите и на поддршката од Борисов за се. Таа посака никогаш повеќе да не се случат вакви инциденти во Македонија.
– Секој треба да има право да ја изрази својата етничка припадност, рече Димкова.
Be the first to write a comment.