Митар Пандуревиќ (23), еден од двајцата обвинети за тешкото убиство на Стефан Филиќ (18) од Велика Плана, по речиси три години мерка притвор е пуштен во куќен притвор со електронско следење. Новото судење за убиството на осумнаесетгодишното момче пред Вишиот суд во Смедерево, е затворено за јавноста, јавува „Новости.рс“.

Апелациониот суд во Белград ја поништи првостепената пресуда на Вишиот суд во Смедерево, со која Пандуревиќ и Никола Бојовиќ (23) беа осудени на 15, односно 18 години затвор за тешкото убиство на Филиќ. Случајот е вратен на ново судење.

-Советот на Апелациониот суд ја оправда својата одлука со тоа што од настанот поминале три години, а куќниот притвор може да обезбеди присуство на обвинетите и непречено водење на кривичната постапка – стои во одговорот на Вишиот суд во Смедерево.

Митар Пандуревиќ и Никола Бојовиќ

Инаку, поради инцидентот пред судницата, по прелиминарното рочиште јавноста беше исклучена од судењето.

– Судечкиот совет на овој суд, заради заштита на јавниот ред и морал, донесе одлука за исклучување на дел од јавноста од главниот претрес, со оглед на тоа што во судскиот ходник имаше инцидент со напад врз обвинетиот Никола Бојовиќ, кој бил удрен од непознато лице со запалка или метален предмет – вели претседателката на Вишиот суд во Смедерево, Слаѓана Бојковиќ.

Во текот на претходната постапка имаше голем интерес за овој судски процес кој дотогаш помина без ниту еден инцидент.

Убиениот Стефан Филиќ (18)

Обвинителството ги обвинува Бојовиќ и Пандуревиќ дека на 02.02.2020 година во Велика Плана, пред дискотека, со непромислено и насилничко однесување го убиле Стефан Филиќ, нанесувајќи му повеќе удари со рацете, а додека лежел неподвижен, Бојовиќ наводно го клоцнал со нога во главата. На се’ претходела навидум безопасна кавга. Поради тежината на повредите, Стефан еден ден подоцна починал во Ургентниот центар во Белград.

СЕМЕЈСТВОТО НА ЖРТВАТА ВЕРУВА ВО СУДОТ

-Судскиот совет донесе одлука и семејството ќе ја почитува, како и секогаш, што не значи дека сме задоволни. Длабоко сме повредени, но сепак веруваме во правосудните органи. Сметаме дека оваа мерка во никој случај не значи фаворизирање на обвинетиот Пандуревиќ. Веруваме дека правдата ќе биде задоволена и обвинетите ќе бидат казнети со соодветни казни за делото за кое се товарат – вели тетката на убиениот Стефан, Јаворка Марковиќ.