Австралиецот со македонски корени Ананија Ананиевски, рускиот бизнисмен Сергеј Кручинин, хрватскиот доктор и масон Никица Габриќ се дел од над 50 странци, кои од 2018 година досега добиле македонско државјанство поради „особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес“, пишува „Фокус“.

Во последните неколку години над 50 лица станале македонски државјани поради „особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес“, а меѓу нив има бизнисмени, спортисти, доктори, па и некогашни политички активисти од земјите од поранешна СФРЈ, Турција, Русија, Австралија, САД, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Од Министерството за внатрешни работи, кое ја води постапката за издавање државјанство, велат дека од ноември 1992 година, кога е донесен Законот за државјанство, до денес по разни основи со државјанство се стекнале над 137.000 лица, од кои над 110.000 лица по пат на природување, а околу 27.000 лица се стекнале со утврдување на државјанство (потекло).

Притоа, најчести биле основите со кои тоа им се овозможи на лицата од бившите републики на Југославија, кои со сукцесијата останаа да живеат во Македонија. Но, покрај нив, македонско државјанство добиле странци  кои воопшто не престојувале во земјава, но државата оценила дека од нив може да има корист од економски, спортски културен или друг аспект.

Како што нѐ информираа од Владата, која во вакви случаи издава мислење по претходна оценка на други надлежни институции, во периодот од 2018 година досега, 53 странци добиле македонско државјанство според членот 11 од Законот. По години, во 2018 година се доделени 10 државјанства, а во 2019 – 12, во 2020 – 1, во 2021 – 19 и во тековната 2022 – 11.

Во 2018 година, македонско државјанство добива познатата пејачка Викторија Лоба, која е родена во Русија, но долги години живее и работи во Македонија. Исто така, државјанство доби и Џино Гуацини, основач на популарен ресторан во Скопје, кој патем има и други бизниси. Наспроти тоа, негативно мислење имало за Саимир Дамо, одговорно лице во едно осигурително друштво во земјава.

Повеќе, условно кажано, интересни лица добиле македонско државјанство во 2019 година. Еден од нив е Ананија Ендру Ананиевски, Австралиец со македонски корени. Тој бил роден во Мелбурн, завршил 3 факултети, успеал да се вработи во парламентот на Викторија, во австралискиот парламент во Канбера, како и во австралиското Министерство за надворешни работи и трговија. Воедно, активен е и во рамки на македонската дијаспора и православна заедница.

Низ медиумските архиви може да се најдат написи за скандал во рамки на австралиската Либерална партија. Имено, Ананиевски бил службеник во штабот на поранешниот министер и пратеник Кевин Ендјуз, но се повлекол по обвинувањата дека оркестрирал гласачи од македонската заедница. Следувале и други повлекувања, бидејќи имало поплаки дека постарите лица биле пријавени без нивна согласност.

Во истата 2019 година, владата дала позитивно мислење македонско државјанство да добие и Русинот Сергеј Кручинин, откако претходно зелено светло дале министерствата за економија и финансии. Тој е прв човек на компанијата со руски капитал „Кранфилд Фаундри“, која инвестираше 17 милиони евра во леарница во Пробиштип за производство на шахти и машински елементи за различни индустрии.

Првично, се работеше за офшор-инвестиција од Британските Девствени Острови. Но, според податоците од Централниот регистар, Кручинин во 2018 година станува единствен сопственик на друштвото, што се случува во периодот кога „Кранфилд“ и тогашната влада потпишуваат анекс на договорот со кој се доделува државна помош на компанијата, која, патем речено, постојано работи со загуби.

Во следната 2020 година, пак, македонско државјанство добива Џекоб Даниел Вајли, имајќи го предвид Мислењето на Агенцијата за млади и спорт. Станува збор за американски кошаркар, роден во 1994 година во Лонг Бич, Лос Анџелес, а досега настапувал во екипата на Панатинаикос и во шпанската кошаркарска лига.

Голем број државјанства се дадени во ланската 2021 година. Меѓу нив се американскиот кошаркар Аскиа Боокер (по мислењето на Агенцијата за млади и спорт), грузискиот балетан Васил Чичиашвили (по мислење на Министерството за култура)… Негативно мислење, пак, било дадено за Суди Озкан, контроверзен турски бизнисмен што дејствува во секторот со хотелиерство и игри на среќа.

Во тековната 2022 година, македонско државјанство добиле двајца руски борачи. Тоа се Расул Шапиев и Ахмад Магомедович Магомедов, кои биле шампиони на Дагестан во различни категории и медалисти на турнири во Русија. За потсетување, за Македонија настапува уште еден дагестански борач, Магомедгаџи Нуров, кој и донесе бронзен медал на земјава на Светско првенство.

Меѓутоа, далеку поголемо внимание привлекува сознанието дека пред неколку месеци, македонско државјанство добил Хрватот Никица Габриќ по позитивно мислење од Министерството за здравство. Се работи за познат доктор офталмолог и хирург, за кој неодамна беше обелоденето дека е и масон, со што се поврзуваше еден скандал во Хрватска.

Инаку, тројца новинари обезбедиле фотографии кои го прикажувале Габриќ како учествува во церемонија на големата ложа. За да не ги објават, тие побарале од него 200 илјади куни или 27.000 евра. Сепак, докторот одбил да плати, па приказната била објавена, а новинарите биле уапсени за обид за изнуда. Притоа, тогашниот јавен обвинител Дражен Јелениќ, исто така масон, обвини дека Габриќ се обидел да му влијае да се забрза постапката против новинарите.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.