Малолетно девојче загина вчера вечер,околу 22:15 часот на ул:„Борис Трајковски“ во Велес од удар на патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки. Нејзината мајка Е.И (43) од Велес се здоби со повреди за кои е пренесена во ЈЗУ Општа болница Велес.

„Патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, управувано од А.Н.(29) од Велес, удрило во пешаците Е.И.(43) и нејзината малолетна ќерка од Велес, по што го напуштило местото. Во несреќата, малолетничката починала на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Додека, со телесни повреди се здобила Е.И., констатирани во болницата во Велес,“ соопштија од Сектор за внатрешни работи Велес.

Според потпаролката на велешка болница, д-р Елена Ќулумова по синоќешната интервенција над мајката и таткото на настраданото дете, тие се пуштени на домашно лекување.

„Пациентката Е.И во болница е примена со отворена рана на главата и скршеница на подколеница утврдена при рентгенско снимање на Компјутерски томограф. Раната е сошиена и направена е интервенција на скршеницата на подколеницата кај жената. Таа е пуштена на домашно лекување. Исто така здравствена интервенција побарал и таткото на загинатото девојче. Тој се жалел на болки во градите. По интервенција на специјалист интернист и тој е пуштен на домашно лекување, додаде д-р Ќулумова.

Увид на местото на сообраќајната несреќа извршиле Јавен обвинител и екипа на СВР Велес. По преземени мерки возилото било најдено и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Јавен обвинител издал налог за обдукција на телото на починатото девојче како и за вештачење на материјалните траги и докази на местото на несреќата.

Како што дознава Дума.мк девојчето е единствена ќерка на родителите. Вчеравечер трочленото семејство ја преминувало улицата „Борис Трајковски“ на пешачи премин. Таткото бил само два чекори пред ќерката и сопругата кои се наоѓале на коловозот до самиот тротоар кога патничкото возило „мерцедес“, кое сообраќало со огромна брзина, удрило директно во детето и ја закачило мајката.