Американскиот актер Стивен Сигал снима документарен филм за ситуацијата во Донбас, изјави лидерот на самопрогласената Доњецка Народна Република Денис Пушилин по средбата со Сигал.

„Сигал сака да го промени ставот на светот кон оваа војна, но тоа нема да биде лесна задача, сепак, му посакувам среќа“, додаде Пушилин.

Сигал го посети Донбас заедно со Леонид Слуцки, лидер на Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР), кој е директор на меѓународниот комитет на руската Државна дума.

Вчера беа објавени фотографии од Сигал во затворот Оленивка во кој неодамна беа убиени педесетина бранители на Мариупол. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за маскарот на заробениците.

Сигал го посети затворскиот логор во Оленивка, Украина, затвор под контрола на Русија во кој се сместени стотици украински затвореници, неколку дена по експлозијата каде што загинаа најмалку 50 луѓе на 29 јули.

Американскиот актер и пријател на Владимир Путин е фотографиран како стои внатре во оштетениот затвор, седи на клупа и разговара со украинските затвореници зад решетки.

На 70-годишниот актер од акционите филмови во 2017 година му беше забранет влез во Украина на 5 години, бидејќи една година претходно рускиот претседател и личен пријател му дадоа државјанство и лично му го предаде рускиот пасош откако тој отворено ја поддржа анексијата на Крим од Русија.

Сигал го нарече Путин „еден од најголемите светски лидери на денешницата“.

Украинските власти соопштија дека затворениците биле преместени во друг дел од затворот пред нападот, што укажува на тоа дека Русија знаела за нападот порано.

Москва тврди дека Украина го организирала нападот со ракетите HIMARS од американско производство за да ги спречи украинските затвореници да обелоденат информации, иако се појавија сомневања за точноста на тврдењето.