Ненадејно почина поранешниот пратеник од редовите на СДСМ, Ристо Масев – Ичо, јавуваат струмичките медиуми.

Според медиумите утрово на 67-годишна возраст ненадејно почина поранешниот пратеник во првиот состав на Собранието на независна Република Македонија од редовите на СДСМ, Ристо Масев – Ичо од Струмица.

Посмртните останки на Масев ќе бидат изложени утре (Понеделник, 12 Декември) од 12:00 до 14:00 часот во Градската капела во Струмица, а погребот ќе се изврши во 14:00 часот, пишуваат медиумите.

Со проштална порака се јави и Ѓорги Спасов некогашен генерален секретар на СДСМ:

Почина, без болест и болка. сосема изненадно, мојот пријател и другар од Струмица Ристо Масев.Многу Нови години дочекавме заедно и на многу летувања се дружевме.

Ичо беше прекрасен човек и личност со големо срце, со прекрасно големо семејство и многу ,многу ќе ни недостасува на сите многубројни негови пријатели. Како правник и член на СДСМ беше пратеник во првото собрание и беше почитуван од своите другари .Искрено сочуствувам со неговата сопруга Ленче која е очен лекар и со синовите Саше и Дени.

Беше роден 1955 година. Погребот ќе биде утре во Струмица во 14 часот. Нека почива во мир., пишува Спасов.

– Со голема тага изразувам сочувство до семејството, роднините и пријателите на ненадејно починатиот сопартиец и почитуван социјалдемократ, Ристо Масев – Ичо, член на СДСМ и поранешен пратеник во македонското Собрание од Струмица.

Нека почива во мир. Слава му!, пишува во обраќањето на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.