Павлина Црвенковска беше изгласана за претседателка на Судскиот совет на 28 април 2021 година. Таа беше едногласно избрана да го наследи Киро Здравев, кому мандатот му заврши ден претходно

Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Одлуката таа ја соопшти на почетокот на денешната седница која е продолжение на минатонеделната кога имаше бунт од членови на Судскиот совет.

„Јас поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на судски совет”, рече Црвенковска на самиот старт на седницата.

Потоа таа стана и излезе од салата, а во заминување кон присутните новинари додаде дека за причините јавноста ќе биде дополнително известена. Откако ја напушти седницата, заменик претседателот Сељим Адеми беше затечен од одлуката и рече дека дознал во овој момент. Тој објасни дека во отсуство на претседател, тој како заменик е задолжен да ја води седница, па даде пауза од половина час.

Павлина Црвенковска беше изгласана за претседателка на Судскиот совет на 28 април 2021 година. Таа беше едногласно избрана да го наследи Киро Здравев, кому мандатот му заврши ден претходно.

За избор на претседател потребни се осум гласа, а за Црвенковска „за“ гласаа сите 12 члена на Судскиот совет што беа присутни на седницата.

За член на Судскиот совет, Собранието ја избра Црвенковска во декември 2020 година. Од 2006 до 2020 таа работеше како судски советник во Скопска апелација. Претходно, беше советничка во кабинетот на Владо Бучковски, додека тој беше премиер во владата на СДСМ и на ДУИ (2004-2006 година), а исто така била и раководителка на одделение во Министерството за одбрана, додека Бучковски беше министер (2002 – 2004 година). Има искуство и како адвокатка и приправничка во Кривичниот суд.

Црвенковска поднесе оставка поради како што вели медиумската хајка со пласирање на лажни информации.

„Ја известувам јавноста дека поднесувам оставка од позицијата претседател на Судскиот совет на РСМ. Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската – бизнис елита.

До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството.

Стана жално што наместо да се посветиме заеднички на активностите и реформите и да ја унапредиме состојбата во судството, некому стана поважно како да ме нападне и како да им наштети на проектите.

Последен пример со лажно брифирање на новинарите беше околу тоа дека е моја незаконската одлука за избор на член во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, иако јас ниту го предложив, ниту го гласав членот на Судскиот совет, Зоран Герасимоски.

Се надевам дека идниот претседател ќе биде подобен за оваа судско – бизнис елита. Благодарна сум на оние колеги кои покажуваа почит и ме подржуваа во намерите нешто да промениме, но сепак Советот како колективно тело одлучува по која патека ќе се движи судството“, објави Црвенковска.