Скопјанката С.Ч. (идентитетот познат на редакција ,,Фокус”), која со децении живее и работи во Германија, ја бара социјалната работничка која ја дала нејзината ќерка на посвојување. Верува дека единствено така, преку неа, можеби ќе успее да ја пронајде и ќерката, која ја оставила на посвојување во далечната 1987 година. Нејзината животна приказна е тешка.
Раскажува дека започнала врска со момче, додека била доста млада, и од таа врска првин добиле син, а набргу потоа и ќерка. Но, нејзините родители не ја одобрувале врската, под образложение дека момчето било Албанец, и прекинале контакт со неа. Откако поради проблеми кои се појавиле во врската решила да го напушти момчето, односно таткото на нејзините две деца, ќерката и синот, таа останала сама, без поддршката од родителите.
-Да имав само најмала поддршка од родителите, мојата, а и животната приказна на моите деца немаше да биде ваква… но тоа е, и моето детство беше тешко, беа тоа други времиња. Откако прекинав со таткото на моите деца, кај него остана синот, а ќерката морав да ја дадам на посвојување. Тоа се болни спомени… Ќерка ми имаше седум месеци во тој период. Нејзиното име е Наташа Милошевска (го носеше моето моминско презиме, исто како и синот), родена на 11-ти март 1987 година во Скопје. Имаше светла коса и кафеави очи, не личеше на мене, туку на фамилијата на таткото. За жал, немам ниту фотографија од неа, имам од син ми на иста возраст, и двајцата многу си личеа. Затоа замолив да ја објавите неговата фотографија, ако ќерка ми има фотографии од тој период, по посвојувањето, можеби ќе се препознае, многу си личеа. Претешка беше одлуката да ја дадам на посвојување, и во тој период бев во контакт со социјална работничка, во социјалното накај Кисела Вода, а жената која ја барам тогаш беше социјален работник за населбата Ѓорче Петров, тогаш таму живеевме. Ми вети дека моето девојче ќе биде дадено на посвојување кај некои нејзини луѓе, кои добро ќе се грижат за неа – раскажува мајката.
Социјалната работничка по која трага, ја опишува како жена со плава коса, која во тој период имала околу 40 години. Не го знае нејзиното име.
-Социјалната работничка беше висока жена, со плава коса. Ако тогаш имаше околу 40 години, сега би требало да има околу 75, можеби 80 години… Се молам да е жива и здрава, да може да ми каже што се случи со моето дете, каде е ќерка ми… Само таа знае што се случи. Во изминативе години барав насекаде, по разни групи на социјалните мрежи, барав информации и во центрите за социјална работа… напразно, никој ништо не кажува – вели таа.
Појаснува дека откако го дала девојчето на посвојување, заминала во Германија. По осум месеци се вратила назад во Скопје, во надеж дека ќе може да си ја земе ќерката, но и синот кој останал со таткото. Синот успеала да го земе со помош на социјалната работничка, бидејќи тој го носел нејзиното, а не презимето на таткото, децата не биле признати од него. Но, за ќерката, и било кажано дека веќе е посвоена, а тоа најверојатно се случило набргу откако ја оставила, некаде во октомври 1987 година.
-Една грешка ме чинеше страдање за цел живот! Но, во тој период немав друг избор, беа оставена сама. Веднаш штом имав можност, односно по осум месеци, јас дојдов по моите деца. Прекасно за ќерка ми, за жал, која веќе била посвоена… Сега имам семејство во Германија, имам уште една ќерка, и синот е со мене. Сите заедно трагаме по нашата Наташа, ако се уште го носи тоа име. Трагаме и по социјалната работничка од Скопје, оти само таа ги има одговорите и може да ме донесе до ќерка ми. Ако и ќерка ми ме бара, ќе бидам пресреќна, ако пак не сака да има ништо со мене, ќе го почитувам тоа. Само сакам да ја најдам, да ја видам, да ја дознае вистината за своето потекло. За околу две недели таа ќе наполни 36 години, ако го чита ова, или пак ако ова го чита некој кој има информации за социјалната работничка која ги има одговорите, молам да ме контактира- апелира мајката.
Во изминативе години се погласни се родителите кои трагаат по свои деца, но и децата кои биле оставени на посвојување кои сакаат да си ги знаат корените и потеклото. Многумина од нив реагираат дека во земјава мора да се донесат законски измени, со кои секој ќе има право да знае од каде потекнува. Не само поради генетски заболувања и медицинска историја, туку многумина од нив потенцираат дека во мала земја како Македонија не е исклучено да стапат во контакт со свои сестри и браќа или други блиски роднини, а да не го знаат тоа. ,,Фокус” веќе објави неколку апели на деца или родители кои трагаа по своето биолошко потекло, односно по свои деца кои биле оставени на посвојување.
Некои од случаите се решија за многу кратко време и деца кои биле посвоени, а денес се возрасни личности, успеаа да си ги најдат биолошките родители. Некои од нив останаа во контакт со нив, додека пак имаше и случај кога биолошката мајка одби да се сретне со своето дете, бидејќи во меѓувреме се омажила, а сопругот не знаел дека како девојка добила дете. Неодамна разговаравме со млад човек од Скопје, кој дознал дека е посвоен дури откако му се јавиле одредени здравствени проблеми, поврзани со наследна болест. И тој ни кажа дека ја започнува својата потрага по биолошките родители, првенствено поради болеста, а патот до вистината за овие луѓе е доста тежок.
Токму поради тоа се актуелните барања за пристап до податоци, и апелите за промена за постоечките закони, поради кои овие лица минуваат трнлив пат за да дојдат до вистината за себе, која неретко ги афектира и нивните деца, најчесто во случаите со генетски заболувања. За случајот со скопјанката С.Ч. доколку некој има информација за ќерка и или пак за социјалната работничка, може да ја контактираат на [email protected].
Be the first to write a comment.