Кој го помести почетокот на руската недела за понеделник и зошто?

Првиот ден од седмицата во САД, Канада, Бразил, Јапонија, Израел и неколку други земји е недела, а не понеделник. Така било и во Стара Русија и во Руската империја – а оваа идеја е заснована на Библијата.

Книгата на Постанокот од Стариот Завет содржи опис на создавањето на светот, во кој се наведени последователните денови на создавањето, од првиот до шестиот. Токму со тие имиња (ден прв, ден втор итн.) и понатаму се нарекуваат деновите во неделата на хебрејски јазик. „И го благослови Бог седмиот ден, и го посвети, зашто во тој ден почиваше од сите дела свои што ги направи“ (Постанок 2,3).

Доказот е во јазикот

Саботата на хебрејски наместо да се нарекува „седми ден“, се нарекува Шабат (што е изведенка од зборот „да се одмора“) и тој ја завршува седмицата. Така, во еврејската, како и во христијанската традиција, седмицата традиционално започнувала во недела, а така било и во Русија сé до револуцијата во 1917 година. Доказ за тоа се имињата на работните денови на руски јазик. Средата на руски се нарекува „среда“, што значи „средина“. Очигледно, средата се наоѓа во средина само ако седмицата почнува во недела.

Понатаму, во словенските јазици понеделникот се вика токму така затоа што доаѓа по недела, додека недела е ден во кој ништо не се прави (не дела), туку се оди во црква. Недела е првиот ден во седмицата, а по него е именувана и целата недела.

Болшевиците се бореа против православната вера и црква и еден од нивните први декрети, потпишан во февруари 1918 година, го замени јулијанскиот календар (тнр. „стар стил“, кој РПЦ сè уште го користи) со грегоријанскиот („нов стил“ ) и исто така го принуди СССР да држи чекор со „речиси сите културни народи“, како што е наведено во декретот. И покрај тоа, неделата сè уште беше првиот ден во седмицата во раните години од постоењето на СССР.

Како Сталин ги „касапеше“ неделите во Русија

На 1 октомври 1929 година во Русија беа реформирани неделите – беа воведени нови, 5-дневни недели. Се викаа „недели на континуирано производство“ – луѓето работеа четири дена, а петтиот одмораа. И така тоа продолжи во текот на целиот годишен циклус, кој сега се состоеше од 72 петдневни седмици. За да не се поклопуваат слободните денови за вработените, работниците беа поделени во пет групи, кои во календарот беа означени со жолта, розова, зелена, црвена и виолетова боја. Со овој систем, млиновите, погоните и другите претпријатија можеа да работат без престан во текот на целата година, бидејќи немаше заеднички слободни денови за сите работници одеднаш.

Петдневниот календар беше и идеолошка алатка. Тоа го наруши христијанскиот календар на празнување, што беше многу корисно за болшевичката антирелигиска пропаганда. Меѓутоа, новиот календар воопшто не беше популарен меѓу народот. Се случуваше мажот и жената да припаѓаат на различни работни групи, па да немаат заеднички слободни денови, што им го комплицираше животот уште повеќе. Во 1931 година беше воведена шестдневна недела со фиксни слободни денови за сите.

Дури во 1940 година СССР се врати на седумдневната недела. „Да се префрли работата во сите државни, задружни и јавни претпријатија и установи од шестдневна на седумдневна, сметајќи го седмиот ден во неделата – недела – како ден за одмор“, се наведува во уредбата, па почнувајќи од 1940 година во СССР понеделник официјално стана првиот ден во неделата.

Со текот на времето и некои социјалистички ориентирани земји го прогласија понеделникот за прв ден во неделата. Во 1978 година ОН препорачаа понеделник да биде првиот ден од неделата во повеќето земји во светот. А тоа беше и официјално утврдено 1988 година, според ISO 8601, меѓународниот стандард за размена и комуникација на податоци поврзани со датумот и времето.

Russia Beyond