Кате овена како лист, почина од тага, од жал за синот Александар или Цале како што го викавме, вели за ММС актерката Стојна Костовска, колешка и блиска пријателка на Катерина Крстева, која вчера беше погребана.

ММС поразговара со Стојна Костовска, која со Кате ги поминала сите нејзини маки низ годиниве. Стојна и Кате не беа само колешки, туку и другарки, односно биле неразделни. Како може животот да биде толку суров, како еден дом остана пуст, низ нејзино потресно сведоштво…

-Кате беше личност, која по сѐ беше карактеристична. Тргни од изгледот, па до однесувањето. Цел свет го засмејуваше. Ама беше оригинална. Никој не можеше да ја имитира. Карактеристичен глас, однесување, карактеристично се облекуваше. Неа не ѝ беше важно дали ќе има репче со црвено или со зелено машниче. Таа како си сакаше. Таква личност беше. Беше голем другар и професионалец. И во подоцнежните години текстот го учеше од прва, тоа за неа не беше проблем. Беше педантна. Јас и Кате бевме неразделни 27 години, ден и ноќ. Беше многу фер колешка и пријател. Кате многу го сакаше животот, тоа се гледаше по неа – вели Костовска и додадава дека покрај целата позитива што ја носела во себе, сепак, животот воопшто не ја галел.

-Пред осум години и почина сопругот. Таа го негуваше додека беше болен. Кога ѝ почина сопругот син ѝ Цале многу се потресе и од тогаш се смени. Подлегна на порок, за жал. Беше многу убав и интелигентен. Имаше многу голема желба да биде актер, но Кате не му дозволи, сакаше да студира на други факултети. Се грижеше, како и секоја мајка – ни раскажа Костовска.

По смртта на сопругот, Александар и Кате останале да живеат сами, биле многу блиски. Но, и покрај сѐ, и покрај тоа што мажот ѝ починал, место да се радуваат, животот им тргнал во сосема друг правец.

-Кате го роди Александар на 46 години, беше мајкин син. Целата надеж ѝ беше во него. Кате имаше операција на отворено срце, па оперираше вени. Но, сето тоа го надмина. Закрепна. Повторно се врати во „Хихириху“ иако за жал можам да кажам дека од девет актери од таа екипа еден по еден заминуваат, останавме четворица. Но, Кате ја задеси трагедија, најголема трагедија која може да ја задеси една мајка. На 28 септември лани почина Цале, нејзиниот син единец. Кате беше болна цела година, едвај се движеше, не можеше да мрдне од кревет. Јас ѝ носев храна. Но, кога ја задесила таа трагедија, кога Цале починал јас не бев во Македонија, немав мобилен со мене и кога се вратив ми кажаа каква трагедија се случила. На мобилниот видов дека ме барала и веднаш ѝ заѕвонев, но мобилниот ѝ беше исклучен. Се јавив кај колега, кој ми рече дека сестра ѝ од Белград ја однела со неа да живее таму. Но, не било така, ние погрешно сме биле информирани. Дури денес сестра ѝ ми кажа дека два месеци таа ја чувала тука. Била многу тажна и постојано разговарала со синот. Кате се однесувала како да не бил починат, како се да уште живее тука со неа, вели тажно Костовска.

За тоа како живееше Кате многу не се знаеше, па затоа на веста за нејзината смрт денес сите беа шокирани. Но, секако не и Костовска.

-Јас не сум изненадена. Знаев дека таа нема да ја преболи смртта на синот. Кате буквално почина од тага. Почина од жал дека куќата ѝ се испразни. Духот ѝ падна по двете трагедии, ги закопа најблиските. Психички падна, а штом човек психички ќе падне не знаеш која болест ќе ја закачи. Ете, три месеци поминаа од смртта на Цале и пак се споија сите заедно. Сега таа пак ќе ги чува, ќе се грижи за нив. Многу ми е жал. Многу – вели таа и додава:

– Денес на погреб видов дека немаше ниеден колега. Многу мразам лицемерни луѓе и затоа сакам да порачам на МНТ да не прават драма, да не организираат никаква комеморација, бидејќи матичната куќа не ѝ се најде тогаш кога најмногу ѝ требаше. Мене Кате ми рече – „Ако починам немој случајно да ме зборнат во театар, никако. Јас само еднаш побарав помош и не ми се најдоа. Мене во театар никој не ме познава, како воопшто да не сум била дел од таа куќа“. А не е Кате единствената која е разочарана од односот на театарот кон своите легенди. Кате ја погреба сестра ѝ од Белград со семејството. А од МНТ? Од МНТ дојде само едно момче, кое донесе една мизерна икебана. Момчето што дојде го прашав во кое својство е. Ми рече дека е асистен на декоратер?! Замисли, и таква професија имало. Но, што е виновно детето. И тоа во земја пропадна од срам, дојде со велосипед?! А знаеш ли што сѐ има МНТ? Срамота, вели тажно Костовска, па ја спомена и смртта на Љупчо Петрушевски, кој скоро 20 години беше директор на оваа национална театарска куќа.

-Јас, Снеже Коневска, Јасминка Петрушевска и Живко возачот го погребавме Љупчо. По семејната трагедија, која му се случи тој остана сам. Му почина сопругата, потоа му почина ќерката, па синот и тој остана сам. Ние неколкумина колеги се собравме да му организираме роденден, беше толку осамен. Му купивме пижама. И само пет дена по роденденот, сите го баравме и не ни се јавуваше ни стана сомнително. А тој облечен во таа пижама седејќи, гледајки телевизија добил удар и така починал. Седум дена лежеше мртов во Бутел, додека да се снајдеме да го погребаме. Побаравме помош од МНТ не ни дадоа. Ништо не ни дадоа. Побаравме пари за ковчег, не дадоа. Побаравме костим од театарот за да го закопаме и тоа не ни дадоа. Со прст не мрднаа. Се растрчавме по институции каде имаме пријатели и најдовме некако пари. Во една институција ни рекоа – ќе купиме саркофаг и ќе го погребеме, срамота за вашата куќа. А на погреб само ние четворица и гробарите, барем да го испратиме достоинствено. Ете затоа и Кате не сакаше да слушне ниту за МНТ, ниту пак, за комеморација. Нека не организираат комеморација, нека не бидат дволични, ни рече тажно на крајот.