Белградскиот сплав „Фристајлер“ почна да тоне на новогодишната ноќ, а сопственикот, менаџерот и директорот беа уапсени во понеделникот под сомнение дека дозволиле да влезат повеќе луѓе отколку што можело да собере сплавот, поради што почнал да тоне.

– Како што дознаваме, на сплавот, кој бил регистриран за 220 лица, имало најмалку 715 луѓе, пишува утрово Блиц.рс.

Според информациите со кои располага медиумот, полицијата во истрагата пронашла билет со сериски број 715, за кој постои сомневање дека е број на влезница продаден за дочекот на Новата година.

Да потсетиме, само неколку минути по полноќ на 1 јануари „Фристајлер“ почна да тоне. Настанала општа паника и метеж, а гостите и персоналот на сплавот успеале да побегнат.

Само од чиста среќа немаше жртви, а на официјалната страна на белградскиот сплав беше објавено дека сплавот нема да работи поради „годишниот одмор и новосоздадената ситуација“.