Колку силна може да биде братската љубов покажува и вчерашната трагедија од Липница Шор кај Лозница во Србија.

Судбината истиот ден им ги одзела животите на браќата Милан (47) и две години постариот Милисав Максимовиќ. Првиот починал во Словенија, а вториот во Србија откако ја добил несреќната вест за тоа што му се случило на неговиот брат.

Како што пренесуваат медиумите, помладиот Милан бил глувонем, а во моментот на смртта играл на фудбалски турнир во Словенија каде ненадејно колабирал и починал.

Милан беше добар фудбалер

– Милан беше многу добар фудбалер, колку што знам беше член на ФК Слога од нашето село, за кој повремено играше, патем за него знае цела поранешна Југославија. Беше член на нашата репрезентација за глувонеми и многу успешно го носеше националниот дрес. Како што слушнав, тој вчера го играше тој несреќен турнир кога му се слоши за време на мечот и се чини дека срцето е во прашање. За жал, немаше спас за него, изјави еден од соседите.

Откако Милисав го известиле за смртта на својот сакан брат, се обидел да ја утеши мајка си, а потоа и тој колабирал.

Го нашле во дворот

– Го нашле мртов во дворот. Претпоставувам дека неговото срце не можеше да издржи, не можеше да го прежали брат му. Се обидувал да ја утеши мајка си, а потоа во еден момент излегол од куќата, раскажал соседот.

Според српските медиуми, браќата најверојатно ќе бидат погребани заедно.