16-годишниот Ром кој беше застрелан од полицаец во Солун, по бркотница претходниот понеделник, починал утрово, јавуваат грчките медиуми.

Неговата смрт ја соопшти управата на болницата „Хипократ“ во Солун, каде се лекуваше 16-годишникот. Се потсетува дека малолетникот се здобил со повреда на главата.

Неговата состојба овие денови остана критична без да покаже подобрување, по што утрово починало 16 годишното момче.

При потера, полицискиот службеник двапати го употребил службеното оружје, при што еден куршум го погодил малолетникот во главата. Полицаецот е гонет за убиство во обид со можна умисла.

Обвинителот вчера му определи истражен притвор на полицаецот. Обвинителот во својот предлог меѓу другото посочува дека, поради неговото искуство, полицаецот во овој случај не требало да пука.

Министерот за заштита на граѓаните Такис ​​Теодорикакос изрази жалење за смртта на 16-годишното момче. Министерот нагласи дека случајот „го истражува судството, кое е единствено надлежно да ги оценува фактите и да суди за одговорностите“.