Случајот за смртта на 26-годишниот Јован Витанов, сепак, не е затворен. Јавното обвинителство ја промени изјавата за истрагата. Откако првично одговорија дека смртта на Витанов не настапила по насилен пат и јавен обвинител го затворил случајот, потоа го променија исказот. Испратија ново соопштение во кое велат дека наодите од двете обдукции не покажуваат дека смртта настанала по пат на насилство. Готови биле и резултатите од токсиколошката анализа, но, тие не можеле да се споделат со јавноста.

Не одговорија на прашањата на Телма, зошто кажаа дека случајот е затворен, кога надлежниот јавен обвинител во Струмица сè уште работи на случајот. Само рекоа дека има неодговорени прашања околу целиот случај и затоа во основното јавно обвинителство во Струмица предметот сè уште е заведен до донесување на конечна јавнообвинителска одлука.

Смртта на Јован Витанов ја разбранува струмичката јавност и од почетокот е предмет на контроверзности. Првичната информација беше дека на телото на момчето има знаци на насилство, за подоцна да биде демантиран од судска медицина дека тоа не биле повреди, туку промени на телото затоа што извесен период било на отворено на високи температури.

Јавен обвинител даде наредба и за претрес по домови на лица со кои момчето контактирало непосредно пред исчезнувањето, вештачени се мобилни телефони, а прегледувани се и снимки од видео надзор на места каде последно бил забележан.

Јован Витанов беше пронајден мртов на 7 јуни, на периферијата на Ново Село, во местото наречено Ораш. Истрагата треба да открие што правело момчето таму и како настанала неговата смрт.