Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново го пресудија предметот „Титаник 2“ кој се однесува на изборни нерегуларности сторени на изборите во 2013 година. Судот ги ценел сите олеснителни и отежителни околности и ги огласи сите осомничени за виновни.
На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.
Од ексчленовите на ДИК, кои добија преквалификација на дело и сега се гонат за повреда на избирачко право, на Бедредин Ибраими му е изречена казна затвор од две години, исто како и Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анита Стефановска кои добија казна затвор од две години.
„Судот е на мислење дека никогаш и никаде, не смее неправото да биде над правото. Обвинетите направиле директна повреда на изборното право во интерес на своите партиски интереси, со директна и умислена повреда“, меѓудругото кажа судијата Ставрев.
Сашо Мијалков, беше спроведен на судењето со доцнење од половина час од страна на затворските полицајци од затворот во Струга. Во судницата беше присутен и неговиот син Александар Мијалков.
Сите обвинети и на повтореното судење негираа вина. Сашо Мијалков и Мендух Тачи се гонат за поттикнувачки дејствија, додека ексчленовите на ДИК дека поништиле гласање по нивна насока. Очекуваа дека обвинителот Гаврил Бубевски ќе го повлече обвинението бидејќи според нив е неиздржано, а откако тоа не беше направено, очекуваа судиите Ставрев и Шабани да донесат ослободителни пресуди.
Апелација ја укина пресудата во декември 2019 година. Од тогаш до декември 2022 година предметот се суди уште во Кривичен суд. Ова би значело дека е скоро невозможно за четири месеци, пред делото на Мијалков да застари, да се донесе правосилна одлука судска одлука.
Во предметот „Титаник 2“ извесно е застарување на делото „примање награда за противзаконито влијание“ за кое е обвинет Мијалков, веќе во април годинава. Ако Апелација не донесе одлука за овој предмет до април, Мијалков ќе биде ослободен од вина. За останатите обвинети меѓу кои и Тачи, делата не застаруваат во скоро време.
Be the first to write a comment.