Обвинителството за организиран криминал и корупција ги сомничи дежурниот командир и уште тројца припадници на затворската полиција дека му помогнале и му овозможиле на осуденикот Беким Мемети да избега од затворот во Идризово на 12 јануари. Четворицата се осомничени дека сториле кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода, соопшти обвинителството.

Истрагата ја води надлежен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

„Осомничените, по претходни насоки на првоосомничениот- командир, како службени лица, со умисла, преземајќи и непреземајќи дејствијата што биле должни да ги преземат му помогнале и му овозможиле на осуденикот Беким Мемети да избега. Притоа ги повредиле сите процедури за спровод на осуденик кој издржува затворска казна за потешко кривично дело до здравствена установа. Па така, откако осуденикот се самоповредил расекувајќи ја левата дланка и бил преврзан во домската амбуланта, не побарале лекарска интервенција од брзата помош, за да се утврди дали повредите може да се санираат на лице место, туку по препорака на осудено лице, работно ангажирано во амбулантата, пристапиле кон дејствија самоиницијативно да го однесат повредениот во Ургентен центар. Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа“, велат од обвинителството.

Понатаму, велат од обвинителството, откако осудениот Беким Мемети на 12 јануари во ноќните часови се самоповредил, првоосомничениот наредил кои затворски полицајци треба да го спроведат осуденикот во здравствена установа и кој каде да седи при спроводот.

„Па така, надвор од правилата, осуденикот бил сместен во средишниот дел на возилото. Второосомничениот дал насока за рутата и возилото се упатило кон Скопје преку автопатот од Петровец кон Скопје. Кога се приближиле до бензинска пумпа на Лукоил, второосомничениот кој седел помеѓу осуденикот и третоосомничениот, започнал да се преместува и свесно му овозможил на осуденикот да го искористи моментот и со лисици на рацете да успее да му го земе службениот пиштол од закопчаната футрола. Третоосомничениот, кој патем бил без оружје, иако сето тоа го следел не презел никакво дејствие за да го спречи осуденикот да го репетира пиштолот и да започне да пука низ возилото барајќи да го сопрат возилото, при што го повредил возачот и возилото застанало, а осуденикот ја отворил вратата, излегол од комбето и се качил во сиво Ауди кое во меѓувреме застанало пред затворското комбе“, додаваат од обвинителството.

Во врска со повредениот затворски полицаец, од МВР велат дека намерата за пукањето со пиштолот низ возилото била да се оправда овозможувањето на бегството од страна на затворските полицајци, но куршумот се одбил од кровот и случајно го погодил затворскиот полицаец во долниот дел од стомакот.

На тројца од осомничените им е изречена мерка притвор од 8 дена, додека на четвртоосомничениот му се изречени мерки на претпазливост.

Избеганиот затвореник Беким Мемети е осуден на затворска казна за убиство која во Идризово требало да ја отслужува до 2040 година. По бегството, МВР распиша меѓународна потерница по него.