Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција изјави дека директорот, менаџерскиот тим, управниот и надзорниот одбор на Колска се разрешени, откако денеска работниците излегоа на протест пред Владата.

„Еве денес имаме штрајк пред Владата на претпријатието Колска, каде вработените се дојдени тука, а директорот го нема, ги нема и членовите на Управниот одбор.Тие треба да бидат со работниците.

Ние како влада во изминатиот период имаме дадено 35 милиони на тоа јавно претпријатие, коишто финансиски средства се истрошени, работниците немаат плата. Кога ги видовме извештаите дали е намален долгот во изминатиот период, дали е зголемено производството и услугата којашто тие ја даваат, дали се намалени трошоците – не се. Поради ова предложив на Влада и директорот и целиот менаџерски тим, и надзорен и управен одбор веднаш да бидат разрешени“, изјави Ковачевски.

И со оглед на тоа што јас излегов од Влада, да ја одржам оваа прес-конференција, доколку е завршена претпоставувам и дека тие веќе се разрешени и таму ќе има нов менаџерски тим, додаде Ковачевски.