Поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан денеска околу пладне ќе го положи светиот крст во водите на реката Вардар во Скопје по повод празникот Богојавление – Водици.
Крстот во Вардар ќе се обидат да го фатат околу 130 верници. Од МПЦ-ОА – Скопска епархија информираа дека сите пријавени се полнолетни и се проверени на спортска медицина, а некои учесници се спортисти.
Одбележувањето на празникот почнува со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица” во 9 часот, во која ќе учествува и архиепископот г.г. Стефан. Литургијата ќе заврши околу 11 часот, а потоа ќе следи голем освет на водите во припратата на црквата.
Околу 11:15-11:20 часот, г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода”. Таму веднаш ќе почне церемонијата „Водици”, каде архиепископот ќе го положи крстот во реката Вардар околу 12 часот.
Од МПЦ-ОА – Скопска епархија, посочуваат дека Богојавление е голем празник во православната црква. Верниците се поздравуваат со поздравот „Бог се јави”. Апелираат верниците да бидат присутни во храмовите, да учествуваат активно во божествената литургија со тоа што ќе се причестат.
Сите верници кои ќе се обидат да го фатат крстот тоа да го прават од верски побуди, достоинствено, со почит и со страв божји.
Be the first to write a comment.