Египетските археолози неодамна во гробница во Кубат ал-Хави, на западниот брег на Нил откриле десет мумифицирани крокодили за кои се проценува дека се стари околу 2.500 години, пренесува словенечката новинска агенција „STA“.

Според порталот „Art Daily“, крокодилите веројатно се сочувани во ритуал во чест на божеството на плодноста наречено Собек.

Крокодилите имале важна улога во египетската култура илјадници години. Освен што се поврзувале со споменатото божество биле и извор на храна, а делови од животното, како неговите масти, се користеле во медицински цели.

Мумифицираните животни, вклучувајќи ибиси, мачки и бабуни, се релативно чести наоди во египетските гробници.

На локалитетот Кубат ал-Хави археолозите во 2018-та година под депонија за ѓубре од византиско време откриле седум помали гробници. Во една од нив пронашле мумифицирани крокодили.

Од десетте пронајдени мумифицирани остатоци од возрасни крокодили, сочувани се главите на само пет. Преостанатите пет се во различни состојби на сочуваност.

Меѓу нив има и еден подолг од седум метри, кој е речиси сочуван во целост.

📸

📸

📸

📸

📸

📸

📸