Судирот на две групи на наши навивачи на трибините на СП 2023 во Краков, за време на дуелот помеѓу нашата репрезентација и Аргентина, во третото коло од групната фаза на првенството, е чин кој наиде на огромна јавна осуда.

Од херои, до срам на нацијата се коментарите наменети на нашите навивачи, кои по скандалот на крај беа замолени од редарите да ја напуштат Таурон арената. Сепак, како што за „Фокус” појаснува Ѓорги Галетановски, поранешен директор на ЗОО Скопје, кој се најде среде турканицата на трибините во Краков, за среќа, никој не бил удрен и повреден во настанот.

-Седевме на неутрална трибина, кога одеднаш изби караница помеѓу како што кажаа, роднини на некој наш ракометар и наши пријатели. Почнаа да се туркаат, настана гужва, и ние се обидувавме колку што можеме да ги разделиме и да ја смириме ситуацијата. Ниту сме удриле некого, ниту пак нас некој не удри. Не знаеме зошто точно започна целата драма, се навредиле нешто, ние видовме кога започнаа да се туркаат и реагиравме да се сочува присебност. После немилата случка си заминавме – изјави Галетановски.

Инаку, Македонија вчера го претрпе и третиот пораз, а селекторот Кире Лазаров се најде на мета на критики од јавноста.