Овидио Гузман Лопез (32), за кој се вели дека бил водач на Синалоа, поранешниот картел на неговиот татко, бил уапсен во Кулијакан и во четвртокот однесен во Мексико Сити. За време и по апсењето беа убиени 10 војници и 19 осомничени.

Гузман Лопез – наречен „Глувчето“ – бил пренесен со хеликоптер во главниот град пред да биде одведен во федерален затвор со максимална безбедност.

Војна на улиците на Мексико

Гневните членови на банда поставија блокади на патиштата, запалија десетици возила и нападнаа авиони на локалниот аеродром.

Уште 35 воени лица се повредени, а 21 вооружен маж е уапсен, изјави во петокот секретарот за одбрана Луис Крешенсио Сандовал.

Сандовал рече дека вооружените членови на нарко картелот ги нападнале војниците, на што војската одговорила со повикување на хеликоптери Блекхок да нападнат конвој од 25 возила на картелот.

Апоред мексиканскиот министер за одбрана членовите на картелот потоа собориле два хеликоптери, и нападнале воени и цивилни авиони на меѓународниот аеродром Кулијакан и пукале во зградите на аеродромот.

На социјалните мрежи се објавени драматични снимки на кои се гледа како луѓето во авионот се кријат додека криминалците пукаат во авионот кој е на пат да полета.

Друго видео покажува како членовите на картелот киднапирале лекари и медицински сестри за да ги лекуваат своите ранети.

Голем број улици во Кулијакан сè уште се блокирани од запалени автомобили, пренесе АП.

Локалната власт во Кулијакан ги предупреди жителите да не ги напуштаат своите домови поради влошената безбедност во градот.

Училиштата, локалната самоуправа и многу приватни бизниси се затворени.

Активистот за човекови права во Кулијакан, Оскар Лоза, ја опиша ситуацијата во градот како тензична, наведувајќи дека некои продавници биле ограбени.

Кој е Овидио Гузман?

Тој е обвинет дека водел фракција на озлогласениот картел Синалоа на неговиот татко – една од најголемите организации за трговија со дрога во светот.

Овид Гузман, кој стана клучна фигура во картелот Синалоа по апсењето на неговиот татко, беше накратко приведен од безбедносните сили во 2019 година, но брзо беше ослободен за да стави крај на одмаздничките насилства извршени од неговата нарко банда.

САД понудија награда од 5 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење или осудување на Овид Гузман, а неговото апсење доаѓа пред самитот на северноамериканските лидери во Мексико Сити следната недела, на кој ќе присуствува и претседателот Џо Бајден и каде главна тема ќе биде безбедноста

Еден мексикански функционер рече дека апсењето на Гузман најверојатно ќе се покаже како добредојдено за унапредувањето на односите меѓу САД и Мексико пред посетата на Бајден.

Неговиот татко, Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, отслужува доживотна казна затвор во САД откако во 2019 година беше прогласен за виновен за трговија со дрога и перење пари. Неговото судење откри некои од бруталните детали за тоа како функционираат нарко картелите во Мексико.