Од бугарското МНР велат дека за инцидентот ги информирале и меѓународните партнери – институциите на ЕУ и теренската мисија на ОБСЕ во Скопје и очекуваат овие прашања да не се потценуваат туку да се решат на соодветен начин

Со владин авион, Бугарија ќе го транспортира нападнатиот секретар на бугарското здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид и ќе го лекува во болница во Бугарија.

„Бугарските институции веднаш презедоа активности за транспортирање во Бугарија на државјанинот на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и секретар на организацијата ’Цар Борис Трети‘ во Охрид, Кристијан Пендиков, кој тешко нстрада по физички напад на 19 јануари 2023 година. Во случајот се вклучени сите надлежни бугарски институции. Жртвата ќе биде пренесена со владин авион на ’Авиотријад 28‘ и сместена во бугарска медицинска установа“, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија.

Исто така, порачуваат и дека е неопходно да се изгради ефикасен механизам за заштита на Бугарите во Северна Македонија, како и дека за инцидентот ги информирале меѓународните партнери – институциите на ЕУ и теренската мисија на ОБСЕ во Скопје.

„Информациите до нив ја нагласуваат сериозноста со правата на Бугарите во Северна Македонија и го изразуваат очекувањето на Бугарија дека овие прашањата нема да бидат потценети, туку ќе се решат на соодветен начин“, велат од бугарското МНР.

За синоќешниот инцидент официјална Софија упати и протестна нота на амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска. Во реакцијата за нападот, бугарското МНР наведе дека тој е последица на тоа што нема системски одговор од нашите власти за злосторствата над Бугарите, но и доказ дека Северна Македонија не може да ја гарантира безбедноста ниту на сопствените граѓаните. Проблемите со правата на Бугарите, според Софија, не може да се негираат од македонските власти и од меѓународната заедница и порачуваат дека тоа е неспоиво со членство на земјава во ЕУ.

Бугарија ќе испрати протестна нота до македонското МНР за претепувањето на секретарот на „Цар Борис Трети“

Бугарскиот претседател Румен Радев, исто така, реагираше и најави дека за ова ќе ги информира шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ, како и европските институции и Советот на Европа.

Осуда стигна и од претседателот Стево Пендаровски, како и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Османи го осуди нападот на секретарот на „Цар Борис Трети“ и најави дека ќе го посети.

Од Делегацијата на ЕУ во земјава по прашање на „360 степени“, исто така, порачаа дека ги осудуваат актите на насилство и очекуваат властите брзо да го истражат случајот и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата.

ЕУ го осуди инцидентот во Охрид: Очекуваме властите брзо да го истражат случајот

Додека Бугарија тврди дека охриѓанецот со бугарска самосвест е нападнат бидејќи се декларира како Бугарин, официјалната истрага засега не ги утврдила мотивите. Она што е познато е дека нападнатиот досега дал два различни искази пред полицијата – во првиот посочил три лица и им ги кажал идентитетите, а во вториот кажал идентитет на само еден сторител и две непознати лица.

„По насоки на јавен обвинител до овој момент се преземаат дејствија за лоцирање и лишување од слобода на лицата кои оштетениот ги посочува како сторители. Во текот на вчерашниот ден и денеска тој дал два искази пред полициски службеници од кои во првиот наведува идентитет на три лица како сторители, додека во вториот исказ оштетениот наведува идентитет на еден сторител и две непознати лица. Јавниот обвинител издаде наредба за обезбедување на снимки од видеонадзор, а се работи и на откривање на мотивите за настанот. По целосно расчистување на случајот, ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката“, рекоа од Јавното обвинителство за „360 степени“.