За речиси една година борби во Украина биле убиени и ранети близу 180.000 луѓе во редовите на руската армија и 100.000 на украинската страна, не сметајќи ги 30.000-те убиени украински цивили, според проценката објавена денеска од командантот на норвешките вооружени сили, пренесоа светските агенции.
„Руските загуби се близу 180.000 мртви и ранети војници“, изјави началникот на Генералштабот на норвешките вооружени сили Еирик Кристоферсен во интервју за ТВ2, без да прецизира како ги пресметале бројките.
Норвешка, која ја дели границата со Русија, е членка на НАТО од нејзиното основање во 1949 година.
„Украинските загуби веројатно се повеќе од 100.000 мртви и ранети. Покрај тоа, Украина има околу 30.000 загинати цивили во таа страшна војна“, додаде норвешкиот генерал, пренесе Франс прес.
Тоа е највисока проценка откако генералот Марк Мили, претседател на Здружениот генералштаб на САД, во ноември изјави дека руската армија претрпела повеќе од 100.000 мртви или ранети, со „веројатно“ сличен биланс на украинската страна.
Русија и Украина со месеци не објавуваат веродостојни податоци за своите загуби.
И покрај големите загуби, „Русија е способна да ја продолжи (оваа војна) долго време“, рече норвешкиот генерал во неделата, истакнувајќи дека Москва има можности за мобилизација и производство на оружје.
„Најзагрижувачка работа е дали Украина ќе успее да ги задржи руските воздухопловни сили надвор од војната“, бидејќи досега сите ги држеше подалеку „благодарение на својата противвоздушна одбрана“.
Во руските напади во последните месеци најмногу се користеа проектили со долг дострел.
Истовремено, норвешкиот генерал повика што поскоро да се испратат борбени тенкови во Украина, што досега беше најтешка задача за Германија.
Be the first to write a comment.