Жители на скопската населба Црниче се жалат дека диви свињи се симнувале од шумата на Водно и досега биле регистрирани и неколку нападнати и повредени миленици, објави порталот Фактор.
Како што објаснува граѓанин од населбата Црниче, кој барал да остане анонимен, досега се обратиле кај неколку надлежни институции, но епилогот на сите одговои што ги добиле бил само префрлање на топката и прогласување на сопствена недалежност.
– Живеам во населбата Црниче, под игралиштетето на Славија, повеќе од 30 години, но ова што во последните две години го гледам, досега го немам видено. Имено, повеќе пати се случувало да наидеме или да забележиме стада од диви свињи во ниските делови од шумата, кои се движат во непосредна близина на игралиштето на Славија и куќите. Токму таму постојано се присутни голем број на граѓани, но и деца кои играат на самото игралиште, или, пак, се движат нагоре по патеките поради рекреација, вели за Фактор жител на скопската населба.
Тој дополнително објаснува дека дивите свињи се симнуваат до самото игралиште, и тоа во време кога тоа е буквално преполно со деца во претпладневните часови, но и млади кои седат до доцните вечерни часови, како и граѓани кои ги носат на прошетка своите миленици.
„Овде се одржуваат тренинзи и натпревари кои ги следат граѓани од трибините над самото игралиште. Свињите се забележуваат како се движат во стада до игралиштето, доаѓаат до самите трибини“, вели нашиот соговорник.
Но, кулминацијата била достигната кога токму на тоа место минатата ноќ неговиот миленик бил нападнат од дива свиња.
„Таа во еден момент разбеснето се затрча од пошумениот дел и му се нафрли, нанесувајќи му убоди и повреди на ногата. Можев да бидам нападнат и јас или било кој друг кој би се нашол таму во тој момент“, вели овој скопјанец.
Тој додава дека напади од диви свињи се имаат случено и на милениците на неколку негови соседи, во непосредна близина на Сеизмолошката станица, каде е населен дел, и има голема раздвиженост од граѓани, при што милениците им биле раскинати или пак со тешки повреди.
Вели дека дивите свињи во ноќните часови се симнуваат до самите дворови, во потрага по храна и овошки кои паѓаат од дрвата.
„Големото присуство на овие диви животни го потврдува и раскопаната земја од нивното риење, кога доаѓаат до дворовите и куќите на овој дел од населбата“, објаснува нашиот соговорник.
Тој нагласува дека овој застрашувачки случај го пријавил во повеќе институции, како што се Центарот за управување со кризи, Македонски шуми, Агенцијата за храна и ветеринарство, но од сите добил одговор дека не се надлежини за ваков проблем.
Наредна дестинација до која планира да се обрати е скопската градоначалничка Данела Арсовска.
„Се прашувам, дали треба да настрада човек, или да настане некој поголем проблем за да се преземат мерки за решавање на оваа ситуција“, посочува овој наш загрижен сограѓанин.
Be the first to write a comment.